Достапни линкови

Гошев - Постапките на власта заслужуваат експлозија од незадоволство


Ова што ни се случува заслужува експлозија од незадоволство, заслужува незадоволство што ќе ја збрише оваа власт од нејзините запоседнати места, ќе ги отстрани, ќе ги оддува како ветер и ќе ги спречи да ги прават овие штети на Македонија, вели долгогодишниот политичар Петар Гошев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Гошев, според досега објавените новинарски истражувања поврзани со документите од Панама, и македонски фирми се дел од скандалот. Какви се вашите проценки, колку македонските политички и бизнис елити ги користат услугите на компаниите во даночните прибежишта?

Од оние износи коишто влегуваат во Македонија или излегуваат од Македонија од и кон тие дестинации, од моето искуство како гувернер, не биле големи износи, но тоа воопшто не значи дека и корупцијата, криумчарените пари и украдените пари од Македонија соодветствуваат со тие мали износи. Напротив, има други индикации коишто говорат дека големи, огромни износи од Македонија се изнесуваат годишно како незаконски однесени пари надвор од Република Македонија. Вие го знаете оној годишен извештај на Глобал фајненшал интегрити. Таму имаше проценка дека од 2004 до 2013 година, за 10 години, се одлеале повеќе од 5 милијарди долари или годишно во просек се одлевале 516 милиони долари незаконски средства од Република Македонија. Тоа е проценката на Глобал фајненшал интегрити. Има пари во овие дестинации од Македонија. Овие износи коишто се покажуваат се минимални во споредба со вистинските. Така што, прашањето е целосно отворено. Тие големи износи коишто ги споменува Глобал фајненшал интегрити треба да се истражат, а се случуваат такви големи износи на одлевање затоа што вкупниот правно-економски систем е нефункционален, коруптивен, затајуваат контролните механизми скоро на сите нивоа и Македонија е таков случај.

Според годишните извештаи на Управата за финансиско разузнавање, банките речиси секоја година пријавуваат над 150 сомнителни банкарски трансакции, но во јавноста нема податоци за правен епилог околу сомневањата за перење пари. Што мислите на што се должи тоа?

Тоа значи дека не функционира системот. Банките се должни, според Законот за спречување на перење пари, да ја информираат соодветната агенција за секоја евентуално сомнителна трансакција што ќе се стори и тие се должни да ја истражат, меѓутоа ако вие имате корупција од највисокото место во државата, ако имате заробен систем, заробени институции, ако имате партиски војници во тие институции кои му одговараат само на еден човек кој се претвора во Фирер, тие нема да ја завршат работата, независно од тоа колку банките за колку случаи ќе поднесат информација дека чувствуваат дека таму има сомнителна трансакција и системот ќе биде блокиран.

Одлуката на претседателот Иванов и случувањата потоа донесоа многу негативни реакции во јавноста и од меѓународниот фактор какви се вашите очекувања за понатамошен развој на настаните поврзани со политичката криза?

Јас не сум задоволен ниту од реакциите внатре во Република Македонија. Не се доволни, ова што ни се случува заслужува експлозија од незадоволство, заслужува незадоволство што ќе ја збрише оваа власт од нејзините запоседнати места. Ќе ги отстрани, ќе ги оддува како ветер и ќе ги спречи да ги прават овие штети на Македонија. Власта де факто го суспендираше договорот од Пржино, а сега овие од меѓународниот фактор, коишто сакаат да замижат на распишувањето на изборите, и покрај тоа што не се исполнети условите за фер и демократски избори, сега добија уште неколку шамари од главниот водач на злосторничкото здружение во Република Македонија.

Целото интервју со Петар Гошев можете да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG