Достапни линкови

Владини невладини и зомби набљудувачи


Низ светот се шири авторитарен бран во кој предничат Кина, Русија, Иран, Саудиска Арабија и Венецуела. Ова се наведува во книгата што вчера беше промовирана во Вашингтон. Во неа се предупредува дека овие земји користат софистицирани методи да ги замолчат дисидентите и да манипулираат со домашните медиуми.

Во книгата под наслов „Авторитаризмот оди глобално, предизвик за демократијата“ од група проминентни научници се потенцира дека таканаречената „Голема петорка“ исто така ги интензивира проектите за влијание надвор од нивните граници преку медиуми како „Раша тудеј“, кинеската „Чајна телевизија“ и иранската „Прес ТВ“ на англиски јазик.

„Овие режими и нивните сурогати се повеќе бараат да се вовлечат во демократскиот политички простор со цел да се влијае, дали отворено или тајно, врз политичката динамика на земјите во еден или друг регион во светот“, се наведува во книгата.

Кристофер Вокер

Кристофер Вокер

Кристофер Вокер, еден од уредниците и автор на едно од нејзините поглавија вели дека овој тренд е во пораст од средината на минатата деценија и дека тој беше поткрепен од „недостигот на доверба“ меѓу демократиите и таканаречените „охрабрени“ режими.

Според него, демократии треба да ги освежат своите пристапи за да се спречи овој тренд, во кој исто така е вклучено користењето на невладини организации формирани од владите.

Овие режими и нивните сурогати се повеќе бараат да се вовлечат во демократскиот политички простор со цел да се влијае, дали отворено или тајно, врз политичката динамика на земјите во еден или друг регион во светот.

„Овие земји развиваат многу значајни медиуми. Тие формираат сурогати кои работат како организации низ светот, и затоа демократиите треба да размислат за овој предизвик на многу појасен начин, со цел да ги бранат своите вредности“, вели Вокер.

Коуредникот Марк Платнер вели дека „Големата петорка“била обединета од желбата да се спречи глобалното напредување на демократијата.

„Тие, исто така, се земји кои се доволно големи и доволно богати за да можат реално да го шират влијанието на глобалната сцена“, смета Платнер.

Експертите наведуваат и некои од мерките што се користи за казнување на групите на граѓанското општество.

На пример, од 2012 година досега во повеќе од 60 земји беа предложени или донесени над 120 закони насочени против независни невладини организации.

„Некои од најпознатите и најефикасни се оние кои се во потрага по врската меѓу домашните невладини организации и меѓународните извори на финансирање “, вели Вилијам Добсон.

Тоа, според него, е обид, „да се затворат мостовите што ги поврзуваат демократиите и диктатурите во обид да се изолираат, маргинализираат и во некои случаи да се елиминираат овие невладини организации“.

Во книгата, исто така, се укажува и на зголемената употреба на таканаречени „зомби“ набљудувачи на изборите како средство за консолидирање на власта, каде што номинално независни набљудувачи на изборите од други земји всушност се контролирани од страна на централната власт.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG