Достапни линкови

logo-print

Иванов – Кој не сака аболиција, нека го побара тоа писмено


Кој не сака неговото име да биде меѓу аболицираните, нека достави писмено барање и ќе најдеме начин, ако сме погрешиле кон нив, да се најде правен основ тоа да се избрише, вели претседателот Ѓорге Иванов.

Создавање на услови за фер избори без притисоци и национално помирување се главните причини зошто ја донесов одлуката за помилување на политичарите од власта и од опозицијата, рече претседателот Ѓорге Иванов во групно интервју со уредниците на националните телевизии во Македонија. Тој рече дека ако некој не сака да биде аболициран, нека го побара тоа писмено, и „ќе се најде правен основ“ таа одлука да биде укината. Мора да се создадат услови за фер избори кои ќе ја вратат Македонија во нормален колосек, рече тој.

Ќе го враќаме повторно тоа? Македонец на Македонец рака да крева, да го убива, да го уништува?

„Одлуката беше, сите оние лица кои ќе бидат вклучени во изборниот процес да бидат растоварени од сето она што може да биде притисок врз нив за да не може да се организираат слободни избори. И власта и опозицијата и барав од моите служби, сите оние истраги, предмети, сè, да можеме да ставиме, што се вели, нулта ситуација, да тргнат сите од иста стартна позиција да се одржат изборите, а институциите, обвинителствата, Специјалното обвинителство, по изборите, нека си ја води својата работа и да не влијае сега за да биде злоупотребувано сега во дневна политика и притисок за одржување на слободните избори“, рече тој.

Иванов рече дека лидерот на СДСМ Зоран Заев одбивал да доаѓа на лидерските средби кај претседателот зашто „никој не може да му гарантира дека нема да биде уапсен во секое време“ и оти барал гаранции.

Со Рамковниот договор направивме помирување меѓу Македонците и Албанците, а сега ни треба помирување меѓу самите Македонци, рече претседателот Иванов во интервјуто што во живо беше пренесувано на Македонската радио телевизија.

„Сите што ја знаат историјата знаат што е Мајски манифест и што е 1924 година и како се постигнува обединувањето и помирувањето и како тоа некому не му чинело и како поради тоа почнуваат физичките пресметки, каде што во некои наши соседни градови течеле улици со крв од пресметките меѓу самите Македонци. Ќе го враќаме повторно тоа? Македонец на Македонец рака да крева, да го убива, да го уништува?“, праша претседателот.

Иванов рече дека, ако некој навистина не сака да биде помилуван, нека достави писмено барање до неговиот кабинет и оти „ќе се најде правен основ“ таа одлука да биде укината.

„Нека го достават писмено, да дојде во архива, ќе ги собереме правниците, ќе најдеме начин, ако сме погрешиле кон нив, ако сме згрешиле, да се најде начин тоа да се избрише, да се најде правен основ“, рече претседателот Иванов.

Според него, Специјалното обвинителство само ја заплеткало кризата и тој ја преземал одговорноста да пресече.

„Специјалното обвинителство е злоупотребено во овој предизборен период. Јас го поддржувам и повторно ќе кажам, Специјалното обвинителство не може да затвори ниеден од тие случаи во овој период. Правна завршница ќе нема, а што ќе има? Памфлети, кои ќе се користат во кампања на избори за едни со други да се обвинуваат“, рече тој.

Претседателот Иванов рече дека и македонските и странските служби имаат информации дека има закани за ликвидација на двајца лидери на политички партии, но не ги соопшти имињата на политичарите.

На коментарот за забелешките од меѓународните претставници дека со оваа одлука се загрозува владеењето на правото, претседателот Иванов рече дека е цинично да зборуваат за владеење на правото, кога не ја спроведуваат одлуката на највисокиот суд во светот, алудирајќи на пресудата на Хашкиот суд според која Македонија не може да биде спречена да членува во меѓународни организации под привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“.

„И сега нам ќе ни зборуваат за владеење на правото, а кога ние треба да го користиме тоа право, за нас не важи. Точно е, се доведува во прашање владеењето на правото во земјава, но кажувам, никој не може да спречи, по одржувањето на слободните избори и конституирањето на институциите да поведе постапка за кого било, па и за мене“, рече тој.

Претседателот Иванов рече дека дел од амбасадорите ги пречекориле своите овластувања, но не кажа имиња. Тој исто така рече дека „робуваме“ на табиетот на одредени политичари.

На забелешките дека со аболицијата им се ускратува правото на граѓаните да дознаат кој прислушувал и дали претставниците на власта навистина местеле избори, претседателот Иванов рече дека граѓаните сè паметни и се ќе се дознае. Секој што сторил криминал ќе одговара, има начин, рече тој.

Тој меѓу другото рече дека притисоците за промена на името ќе продолжат. Грција денеска со воени авиони го наруши воздушниот простор на Македонија, рече Иванов, кој додаде дека тоа е покажување на сила и ароганција и кој треба да се слуша и чиј диктат да се задоволи.

Уредниците на телевизиите Телма и Алсат-М не се одзваа на поканата и не присуствуваа на групното интервју.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG