Достапни линкови

logo-print

Помилувањето важи за луѓето, не и за украдените пари


Аболицираниот „градски татко“ на Битола, веројатно плаќала поскап превоз за ученици и од градоначалникот на Токио, велат од СЈО. Додаваат дека аболицираните не може да го задржат имотот стекнат незаконски.

Никој од помилуваните не може да ја задржи имотната корист стекната со кривични дела. Ние сме тука и работиме, порача денеска тимот на Специјалното јавно обвинителство. И во случај на аболиција, законската обврска на СЈО е да прибави докази за незаконско стекната имотна корист и истата да ја конфискува, изјави Специјалната обвинителка Катица Јанева.

Општина Битола преку нејзиниот, сега веќе помилуван „градски татко“, веројатно плаќала поскап превоз за ученици во светот и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија.

„Ова Јавно обвинителство во иднина интензивно продолжува покрај другите и со финансиските истраги со цел незаконски стекнатата имотна корист да се врати во буџетот на Република Македонија, односно на граѓаните на Република Македонија. Финансиските истраги интензивно се водат во ова Јавно Обвинителство и од сите постапки кои се во тек, досега имаме податоци дека во периодот од 2008 до 2015 година од буџетот на РМ, во приватни џебови се одлеани многу пари“, изјави Јанева.

На денешната прес-конференција обвинителката Фатиме Фетаи го презентираше и новиот предмет, односно предистражна постапка, именувана „Транспортер“. Главни осомничени во оваа постапка се веќе помилуваниот градоначалник на Општина Битола и претседател на Комисија за јавни набавки, соопшти обвинителката Фатиме Фетаи.

„Обвинителството стекна сериозно уверување, се разбира во оваа фаза на ниво на основано сомнение дека Општина Битола преку нејзиниот, сега веќе помилуван „градски татко“, веројатно плаќала поскап превоз за ученици во светот и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија, а со тоа несомнено врз сите граѓани на оваа држава“, рече Фетаи.

Таа во презентацијата на предметот објасни дека главните осомничени го оштетиле буџетот за 360 илјади евра за само две учебни години. Фетаи посочи дека помилувањето на градоначалникот нема да влијае врз финансиската истрага што ја води Специјалното јавно обвинителство и дека Талески бил инволвиран и во други случи коишто ги истражува ова Обвинителство, а кои не се опфатени со помилувањето на претседателот Иванов.

„До Судот ќе бидат поднесени предлози за изрекување на мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана на располагање со истиот.Таквите мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на општина Битола“, изјави Фетаи.

Обвинителката Ленче Ристоска изјави дека не знаат од каде потекнуваат податоците за помилуваните што ги објави претседателот Иванов.

„СЈО не беше консултирано, ниту пак досега дало податоци за лица за кои се водат истражни и предистражни постапки за кои претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболирање“, изјави Ристоска.

Таа додаде дека во името на тимот на Специјалното јавно обвинителство не ја прифаќаат аболицијата на јавни обвинители, затоа што тоа влијае негативно врз угледот и честа на Обвинителството, бидејќи ги ставаат во исти кош со луѓе за кои СЈО има докази дека сториле кривични дела. Прес конференцијата на СЈО ја следеа и амбасадори, меѓу кои тие на Италија, Германија, Британија, ОБСЕ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG