Достапни линкови

На протестите дванаесет приведени, повреден новинар и фоторепортер


Дванаесет приведени и еден повреден новинар е билансот од протестите што се одржаа синоќа пред и во близина на Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов во Скопје, во организација на граѓанската иницијатива „Протестирам“, потврдија за МИА од МВР. Според очевидци, во нередите што се случија има и други повредени, меѓу кои и еден фоторепортер. Демонстрантите синоќа ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов во центарот на Скопје. Искршени се прозорците и мебелот од канцеларијата, а оштетена е и зградата на Министерството за правда. Протестираа во знак на револт од одлуката на претседателот за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза. Претходно демонстрантите беа пред Собранието, а полицијата ги спречи да се упатат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Бараа оставка на претседателот Иванов, замрзнување на активностите за одржување парламентарни избори на 5 јуни и формирање експертска Влада која ќе организира фер, демократски и кредибилни избори. Протестот почна по 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на неговата работа, по што продолжи пред Народната канцеларија на Иванов па пред Собранието. Истовремено, пред Собранието на Македонија, а потоа и пред седиштето на опозициската СДСМ се одржаа мирни протести во организација на Граѓанското движење за одбрана на Македонија ГДОМ, во знак на незадоволство од одлуката на Иванов да се аболицираат претседателот на СДСМ Зоран Заев и првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, кои, според нив, со прислушувањето ја загрозиле безбедноста на државата.

XS
SM
MD
LG