Достапни линкови

logo-print

САД со осуда на македонската влада за корупција


Во новиот извештај на американскиот Стејт департмент се обвинува македонската влада за неуспех целосно да го почитува „владеењето на правото“, при што се наведува високо ниво на корупција, протекција и селективни судски постапки. До објавувањето на извештајот за човековите права во светот дојде ден откако претседателот Ѓорге Иванов објави прекин на кривичните постапки против политичари и владини претставници кои се осомничени за вовлеченост во прислушувањето на илјадници луѓе. Оваа одлука на Иванов предизвика насилни протести во Скопје и критики од меѓународната заедница. Стејт департментот соопшти дека властите во Македонија и во 2015 година ги продолжиле „напорите за ограничување на слободата на медиумите и се мешале во судството и селективното гонење“. „Политичкото мешање, неефикасноста, протекцијата и непотизмот, пролонгираните процеси, кршењето на правото на јавно судење и корупцијата го карактеризираа судскиот систем“, се вели во извештајот. Неколку часа пред вчерашното објавување на извештајот портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби изјави дека Вашингтон „длабоко загрижен“ од најавата на Иванов да им прости на лицата кои се предмет на истрага во врска со скандалот со прислушувањето. „Ако се имплементира оваа одлука ќе ги штити корумпираните службеници и ќе им ја ускрати правдата на граѓаните на Македонија“, оцени Кирби.

XS
SM
MD
LG