Достапни линкови

СДСМ побара одговорност од Иванов


Иванов изврши државен удар и му зададен смртонесен удар на Договорот од Пржино, велат од СДСМ. Во меѓувреме не запираат ниту реакциите на странските политичари и дипломати.

СДСМ денеска во Собранието поведе постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорѓе Иванов по неговата вчерашна одлука да ги прекине сите кривични постапки против политичари што се поврзани со политичката криза и аферата прислушување. Тој вчера изврши државен удар и му зададен смртонесен удар на Договорот од Пржино, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугаревски.

Затоа бараме Собранието на Република Македонија да биде свикано за покренување на постапка за утврдување одговорност на Ѓорге Иванов. Ги повикуваме сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија.
Горан Сугаревски, СДСМ.

„Затоа бараме Собранието на Република Македонија да биде свикано за покренување на постапка за утврдување одговорност на Ѓорге Иванов. Ги повикуваме сите парламентарни партии да ја поддржат оваа иницијатива и да преземат чекор за враќање на уставниот поредок во Република Македонија“, рече Сугаревски, кој додаде дека на иницијативата досега се потпишани 37 пратеници.

Инаку според член 87 од Уставот постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак потсетуваат на вчерашната нивна реакција во која наведоа дека со фрапираност и неверување ја проследиле прес - конференцијата на Иванов и изразија силно несогласување со таа постапка. На прашањето што ќе направат понатаму велат дека сега правеле правни анализи во врска со тоа.

Али Ахмети доцна синоќа твитна дека Иванов требало веднаш да ја повлече својата одлука затоа што таква избрзана и непромислена одлука го оспорувала како што напиша Скопскиот договор. Првиот човек на ДПА Мендух Тачи синоќа не сакаше да ја коментира одлуката, но неформално рече дека не е исклучено Иванов да се решил на ваков чекор во договор со ВМРО-ДПМНЕ.

Претпладнево во Службен весник веќе излезе одлуката на Иванов за помилување, а рекордери се поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Првиот, сега само функционер во партијата е помилуван 16 пати, а поранешната шефица на полицијата 11.

Во меѓувреме не запираат ниту реакциите на странските политичари и дипломати.

„Аболиција без потребниот судски процес ги штити корумпираните политичари и нивните соработници. Оставете ги СЈО и судовите да ја вршат својата работа“, наведе амбасадорот на САД Џес Бејли денеска на својот твитер профил.

Германската влада пак денеска соопшти дека била длабоко загрижена за најавата за аболиција на претседателот. Како што јави Дојче Веле на македонски јазик владата навела дека очекуваат, принципот на владеење на правото да биде почитуван од сите страни.

„Од особено значење е, Специјалното јавно обвинителство, како што е предвидено со Договорот од Пржино, да може непречено да ја продолжи својата исклучително важна работа за институционално стабилизирање на државниот систем, која многу се цени од голем дел од македонското општество и од меѓународната заедница“, се наведува во реакцијата на германската влада.

Протестите пак продолжуваат и денеска. Движењето „Протестирам“ најави дека ќе протестираат секој ден во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, а протестот ќе бил особено гласен во петок, 15 април, пред Собранието на Република Македонија, за кога е најавено распишување на предвремени избори. Од движењето бараат отпочнување на процес за избор на експертска влада,оставка на претседателот на Републиката поради срамниот обид да ја попречи правдата и да ги аболицира криминалците и итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG