Достапни линкови

Апсурдна одлука на претседателот Иванов


Претседателот на државата нема законска основа и уставна можност да донесе акт за помилување на политичарите. Тој ја уби правната држава и се легитимираше како претседател на криминална банда, а не на сите граѓани, велат правните експерти.

Апсурдна и анти-државна е одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој потпиша одлука со која се прекинуваат сите кривични постапки против политичарите кои се поврзани со политичката криза и со аферата за прислушување, велат упатените.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, смета дека Иванов се решил да го убие тоа што останало во државата и иако не учествувал во решавањето на политичката криза сега се обидува самиот да ја реши, што претставува града слика на нашата реалност и укажува на продолжување на методите за рушење и укинување на уставно правниот поредок на државата. Според него, претседателот , нема законска основа и уставна можност да донесе таков акт.

Тој всушност ја олеснува нарачаната задача на Уставниот суд за поништување на Специјалното јавно обвинителство. Иако со таквиот акт вчера што го заговори и што го донесе, тој всушност ја прави веќе излишна и самата институција, а на некој начин излишно е и натамошното постапување на Уставниот суд.

„Тој всушност ја олеснува нарачаната задача на Уставниот суд за поништување на Специјалното јавно обвинителство. Иако со таквиот акт вчера што го заговори и што го донесе, тој всушност ја прави веќе излишна и самата институција, а на некој начин излишно е и натамошното постапување на Уставниот суд, бидејќи таа одлука веќе нема свое влијание. Инаку немаше никаков правен основ. Никаков уставен и законски основ во овој даден момент сега за донесување на еден таков акт како што вчера го наговести Иванов“, рече Ивановски.

Професор Осман Кадриу истакнува дека одлуката како општ акт за аболиција претставува флагрантна повреда на Уставот и уставниот поредок на земјата и акт против државата од самиот нејзин претседател. Иванов, како што додава Кадриу, со актот ја потврдил својата позиција дека не е претседател на сите граѓани, туку претседател на криминална банда.

„Со овој акт кој ќе има сериозни последици во државата и за државата и граѓаните суспендирана е судската власт и суспендирана е целокупната надлежност на Специјалното јавно обвинителство. На тој начин и со овој акт е поткопан и поништен политичкиот договор постигнат во Пржино. Така што неговата одговорност ќе биде далекусежна на повеќе нивоа и сега треба да се види кои други правни и политички механизми треба да се превземат за да се санира нешто што може да се санира од последиците кои ќе настапат за нашата држава сега и во иднина“, вели Кадриу.

Ивановски додава дека Претседателот може да аболицира само поединечно лице и тој сега ја уништува државата и системот., при што ги запоставил сите институции.

„Тој негов акт предизвика еден тотален хаос и е непромислен чин со што сè се доведува во прашање. Се доведува и до можност да се случи одреден граѓански конфликт што е најцрното нешто што може да и се случи на државата“, вели Кадриу.

Кадриу додава дека со ова се става крај на правната држава и владеењето на правото и треба да заседава Парламентот и да се произнесе за одлуката и да се иницира постапка за политичка одговорност на Иванов.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG