Достапни линкови

Контра Кадар фестивал за ментална хигиена


Верни на своите настроенија и желанија, трите години од основањето и делувањето како културно-политички концепт, Контра Кадар ќе ги одбележи со четиридневен фестивал кој ќе се одржи од 13 до 16 април во Центарот за култура Битола и во клубот „Порта џез“. И, на него одбрани филмови кои поттикнуваат дискусии, предавања и средби, неколку свирки и многу насмеани лица. Времињата се апатични, а тие и натаму непокорни.

Кога прв пат кохортно се собравме за Контра Кадар, сите дојдовме со различни замисли и од различни позадини. На некои му беа битни само филмовите, некои преку Контра Кадар сакаа да креват револуција, трети ги сакаа двете.

Да има една проекција месечно?
- Не бе малку е! Еднаш неделно ќе можиме? И превод ќе треба и триста други тракатанци?!
- Ќе пробаме бе, и така шо ќе прајме во Битолата...На 08.04.2013 година ја имавме првата проекција во МКЦ Битола. Тесно сопче. „Зелиг“ на Вуди Ален оди на компјутерски звучници и на ѕид. Никој абер нема од модерирање, а уште помалку од јавен говор и настап.Трепет. Срам. Страв. Пробувавме да зборуваме за конформизмот како психолошко-социолошка појава. Првиот ќе зборнеше за темата, друг ќе дофрли нешто рандом, третата ќе се насмеј - хаос.

Ова би можело да биде извадок од книгата во која , на пример, би можело да биде забележана „историјата“ за почетоците од делувањето на дебатното кино Контра Кадар. На овој непокорен културно-политички концепт што тргна од под Пелистер и како вирус (ќе) се шири по Македонија.

И, кон ова дознаваме дека станува збор за независна иницијатива во која учествуваат 15-на главно млади луѓе, активисти, љубители на филмот, „некои се занимаваат со политика, некои не“... кои заеднички ја креираат програмата на дебатното кино. Секој со своите интереси. Предлагајќи различни теми тие не се само организатори, туку и индивидуи кои учат од самата иницијатива. Внатрешната организација е хоризонтално поставена, нема лидери и одлуките ги донесуваат со консензус. Досега имаат потпишано над 130 проекции на филмови во Битола.

Иво Бару, режисер и еден од основачите, вели дека уште од самиот почеток екипата која што ја оформила оваа иницијатива наречена Дебатно кино Контра Кадар чувствувала потреба дека во Битола нема простор каде што би се дебатирало. Би се дискутирало. Всушност јавно би се отвориле некои теми кои генерално не се „меинстрим“ и од таа потреба се решиле да проектираат филмови, а потем би произлегла дискусија за темата што ја наметнал филмот. Многу често на проекциите имале и гости, интелектуалци, уметници...кои требало со публиката да ги споделат своите искуства и знаења.

„Со работата на Контра Кадар кај нашата публика се разви некое чувство за критички говор, за критичко размислување, за дебатирање ...и добро е што од некои настани се родија и некои нови иницијативи. Надвор од Контра Кадар. Еве би го спомнал Студентски пленум, во моментот се работи на првата Кооператива во Битола која е зачната на нашите проекции и претпоставувам дека има уште низа такви заложби што својот зародиш го имале токму на дискусиите што притоа се водени.“

Кон ова повторно цитат: Со пот, со мака и со тон партизански ентузијаза м- стигнавме до три години. На секои седум дена во тие три години (освен за Манаки и Нова Година) имавме преведен филм и дискусија. Блесаво малку знаеме. Верувајте - ние најдобро си знаеме! Ама пак менталната хигиена е побитна од сÈ! Да не се претопиме во екраноман(к)и и кладилничар(к)и исто! Подлога за гласот на замолчените и "малите" исто! Соголувањето на лажните пророци исто! Контра Кадар остана во овие три години верен на своите настроенија и желанија! Стана упориште! И тоа партиципативно!

А, трите години, пак, ќе бидат заумно одбележани со четиридневен фестивал. На него за отворање филмот „Касаба“ на режисерот Нури Џејлан во соработка со Филозофскиот филмски фестивал и Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Автобиографска семејна драма прикажана на Берлинскиот филмски фестивал во 1998 и добитник на наградата од жири комисијата. По неа предавање на тема „Чехов во Анадолија – изградба на една поетска фабула“ и дискусија со Дејан Здравков, доктор по филозофија, како гостин.

Наредниот ден, на 14 април, во 19 часот, на програмата е „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева, добитник на награди за најдобар документарец на фестивалите во Канада, Косово и во Франција. Гости ќе бидат протагонист(к)ите на ова дело, а ќе се разговара за феноменот „наместен“ брак.

Во сабота, од 20 часот, на репертоарот е „Ова е пуч“ - документарецот на Пол Мејсон кој ги прикажува интервенционистичките политики на Европската централна банка кон земји како Италија, Ирска, Грција...а за динамиката помеѓу грас рут движењата и политичките партии ќе говори Атанасиос Марвакис, доктор по социјална психологија и поранешен член на Сириза.

Конечно, за крај на Фестивалот е оставен култниот „Монти Пајтон и светиот грал“ на Тери Гилијам и Тери Џоунс, по што со гостите – актерот и стендап комичар Марјан Ѓорѓиевски и новинарот Ѕвездан Георгиевски ќе се дебатира за улогата на хуморот во општеството, неговата субверзивност од една и неговото евтино деформирање од друга страна.

Говоранциите ќе бидат сочинети и со убава доза на здрава музика. За четврток се најавени диџеј сетовите на Станиќ и Исаја, наредниот ден најнапред Фајтинг вилдмилс, посегајќи по четвртиот албум „Југославија во вселената“, ќе ги истражуваат допирните точки помеѓу пост-рокот и експерименталниот џез, потем Ред сеил билоу ќе сервираат синтеза на пост-рок, метал и ...жанровски мутиран инструментален звук, за да на крајот музицираат мелодичните Милко, локалните пост-рок и гранџ трагачи Мазно е, ама не е...и најпосле завесата биде спуштена со сетот на Мнемоник 45 - „контраш, креативец и продуцент на амбиентален електро звук со свежо собрани звуци од природата“.

Бару знае да каже дека Фестивалот е многу добар начин за промовирање и за добивање дополнително внимание од јавноста, но дека засега тие немаат јасна цел каде би оделе со него понатаму.

„Ние ќе продолжиме со работа како Дебатно кино Контра кадар. Со тие наши редовни неделни проекции и како што ќе се јавува потребата веројатно ќе организираме и вакви поголеми настани. Фестивалчиња.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG