Достапни линкови

Фридом хаус - Груевски развлекувајќи го Пржино веројатно се враќа на власт


Во најновиот годишен извештај на Фридом хаус „Нации во транзиција“, објавен денеска, Македонија има пад во шест од седумте категории што се мерат во извештајот. Во извештајот се наведува дека активностите на владејачката партија доведоа до масовна корупција, скандали за изборни местења и политичка криза.

Македонија всушност бележи нагорна линија само во категоријата граѓанско општество. За преостанатите шест, како изборен процес, независни медиуми, национално демократско владеење, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг, Македонија бележи падови.

Македонија забележа надолен тренд поради натамошни откритија за тешки неправилности на изборите во 2014 година, што предизвика бојкотот на опозицијата во парламентот, како и новите информации поврзани со скандалот со широкиот владин надзор на политички и верски лидери, новинари и граѓани.

Во извештајот на Фридом хаус се оценува дека и покрај обвинувањата за местење на изборите, корупција и измами што предизвикаа најголеми протести во Македонија во изминативе неколку години, поранешниот премиер Никола Груевски го развлекува спроведувањето на договорот за реформи, постигнат со посредство на Европската унија и се чини дека, како што се наведува, најверојатно ќе се врати на власт преку предвремени избори закажани за јуни.

Во извештајот на Фридом хаус се оценува дека и покрај обвинувањата за местење на изборите, корупција и измами што предизвикаа најголеми протести во Македонија во изминативе неколку години, поранешниот премиер Никола Груевски го развлекува спроведувањето на договорот за реформи, постигнат со посредство на Европската унија и се чини дека, како што се наведува, најверојатно ќе се врати на власт преку предвремени избори закажани за јуни.

„Во Македонија, имате најчист пример сега на Балканот за државна контрола на партијата ВМРО-ДПМНЕ која беше во можност во текот на еден период од неколку години да ја намали границата меѓу партијата и државата, така што партијата ги сврти државните институции: средствата за јавно информирање, услугите на обвинителството, функционирањето на тајните служби во механизми, за промовирање на своите интереси и за обезбедување на нејзината моќ“, вели Нејт Шенкан, директор на проектот „Нации во транзиција“.

Оценка за слободите во Македонија е три ипол, за политичките права: четворка, а за граѓанските слободи: тројка.

Најслаба оценка за демократијата во регионот има добиено Босна и Херцеговина, 4,50 по што следува Македонија со 4,29. Црна Гора со 3,93, Србија со 3,75 и Хрватска со оценка од 3,68. Балканот кој своевремено беше светла точка за реформите во Европа, од 2010 година бележи уназадување на демократијата иако неколку земји постигнаа напредок во пристапувањето кон Европската унија.

Моќници во Србија и Црна Гора преземале речиси без конкурентска контрола врз државните институции. Во Босна и Косово, градењето држави влезе во ќор сокак. Владините структури изградени за да се задржи мирот, го спречуваат напредокот, а политичката и економската стагнација поттикнуваат фрустрација кај популацијата.

Овие внатрешни случувања сега ризикуваат да бидат дополнети со европското затворање на границите со цел спречување на бранот мигранти и бегалци по должината на балканската рута.

Кризата со миграцијата и развлекувањето на економските проблеми им се закануваат и на опстанокот на Европската унија и на стабилноста на своевидните диктатури на земјите во Евроазија.

Најголем двигател на падот во поранешниот Советски Сојуз е враќањето на авторитаризмот во Русија под Владимир Путин. Седум од 15 земји од поранешниот Советски Сојуз се предводени од диктатори кои се на власт 10 или повеќе години. Меѓутоа, ниските цени на нафтата сега се закана за стабилноста на овие консолидирани авторитарни режими.

„Русија, Казахстан, Туркменистан и Азербејџан мора да се соочат со последиците по неколку годишниот неуспех да ги преиначат нивните економии или да создадат транспарентни и отчетни системи на владеење“, вели Нејт Шенкан, наведувајќи дека и владите во Киргистан, Белорусија, Узбекистан и Таџикистан, исто така, се соочуваат со можна рецесија во 2016 година.

Украина и натаму има можност за воспоставување демократија, бидејќи владата постигнала одреден напредок во реформите. Сепак, во таа земја продолжува руската окупација на Крим и Донбас, како и раширената корупција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG