Достапни линкови

Фин проект со битови, орнаменти и космополитизам во МКЦ


По две албумски објави, „Битови и орнаменти/Во Македонија“ и „Едно е сонцето“, ФИН ПРОЕКТ го најавува и својот прв концерт. Перформансот ќе се одржи в петок, на 15 април, во 20 часот, во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар, а воведот во нивното автентично сценско-звуковно патешествие ќе го сторат членовите на групата ПЕРИЈА.

ФИН ПРОЕКТ, неколкугодишното успешно јавање на радио брановите условено од музиката забележана на двете албумски објави „Битови и орнаменти/Во Македонија“ (Beats & Ornaments/Inside Macedonia) и „Едно е сонцето“ (The Sun Is One), конечно ќе го надополни со директен контакт со публиката. Нивниот прв концерт ќе се случи в петок, во 20 часот, во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар.

Веројатно во некои наредни периоди сево ова би се развивало во некоја мултимедијална насока, но сега на самиот почеток ќе го оставиме да биде потпрен исклучиво на музичкиот израз во принцип овој концерт ќе биде така конципиран.

Во пресрет на ова случување, Никола Стојковски вели дека станува збор за заокружен концепт за кој концертните пројави зависеле исклучиво од сознанието на какви и кои настани би се појавиле и дали таа некаква сцена за поавангардна музика е присутна кај нас. Тој дополнува дека во последниве неколку години навистина има едно позитивно поместување во таа насока и дека „веројатно требало да дојде моментот за концертни претставувања кои би понудиле една поинаква слика за ваквите пројави на наше тло“. Вели дека една од институциите заслужни за тоа е токму Младинскиот културен центар кој дефинитивно е единствениот помагател на ваквата музичко-сценска приказна која нам сега ни се случува.

„Веројатно во некои наредни периоди сево ова би се развивало во некоја мултимедијална насока, но сега на самиот почеток ќе го оставиме да биде потпрен исклучиво на музичкиот израз во принцип овој концерт ќе биде така конципиран. Ќе биде стриктно музички во онаа фузија во којашто е смислен. Значи, тука сме Влатко Георгиев и јас позади електрониката, и се разбира гостите кои се присутни и на овој и на првиот албум. Вкупно ќе бидеме деветмина на сцена. Фузијата е спој во кој електрониката што ја работиме е комбинирана со стилски и инструментални варијанти зад кои сторат мајстори на кавал, труба, кларинет, канон, вокални импровизации и сето заедно дефинитивно почнува да прозвучува магично и во живо како што впрочем и ни беше основната идејата“, вели тој.

Стојковски знае да каже дека препознатливоста на ФИН ПРОЕКТ не е само од аспект на третирањето и на негувањето на традиционалниот македонски призвук, туку дека во нивниот случај станува збор за заложба за една малку покосмополитска идеја што на вториот албум „Едно е сонцето“ убаво се чувствува.

„Тука се измешани инфлуенци од многу други музики од светот, а жанровски е дефинитивно автентичен и оригинален звук затоа што тој концепт на фузија кај нас досега бил застапен меѓутоа во релативно поразлични варијанти. Овој наш „лаунџ“ пристап мислам дека е најсоодветниот за конципирање на таквата идеја за да се фузираат современата електронска музика и сите други влијанија што може да се сретнат внатре. На моменти во композициите од актуелниот албум „Едно е сонцето“ можете да слушнете балканска, африканска, латино музика, тоа се тие украси кои ја прават приказната поинаква и фидбекот од луѓето низ светот кои го слушнале материјалот дефинитивно ни кажува дека и тие таму можат да си го почувствуваат како свој. Тоа за нас е голема чест бидејќи идејата беше таа“, вели тој.

По Скопје, ФИН ПРОЕКТ, во текот на јули и август годинава, ќе музицираат во Битола и во Прилеп, а не е исклучено да следува и серија на перформанси во регионот и во европските земји.

„Идејата на музиката е да постои за да се свири. Се свири за да луѓето уживаат, а уживатели на оваа наша музика веќе имаме и надвор од Македонија. Понудите за настапи доаѓаат, можеби не секојдневно затоа што ова е релативно нова приказна која дури сега треба да почне да расте и се надевам дека тие прелиминарни контакти што ги имаме со одредени фестивали по Европа, па и пошироко, ќе дојде време кога ќе се реализираат. Летово се надевам дека ќе започнеме конечно и со гостувањата надвор од Македонија“, ќе рече Стојковски.

Инаку, Никола Стојковски, како диџеј и промотер, во светот на музиката влегува во 1998 година со групата „Перкашн дискашн“ од Скопје. Со Зоран Георгиев, попознат како диџеј Лефонк, започнуваат со своите сетови на најпопуларните радиостаници во земјава, а потем се јавуваат и како организатори на бројни перформанси на повеќемина современи артисти.

Во 2004 година тој преку сопствената продукција за хаус и прогресивна музика ќе го потпише деби албумот „Mirror“ , од кој синглот „Be There“ ќе излезе и за „Прогрес рикордингс“ на Тони Томас во Велика Британија и ќе стане не само составен дел на сетовите на бројни светски диџеи туку повеќе од солидно ќе помине и на специјализираните топ листи. За одбележување е и неговата соработка со Тамара Тодевска, Дани Димитровска и Тони Зен документирана на изданието „FIN Project Remix Contest“ (2010), по што две години подоцна артистот за македонската издавачка куќа „Литиум“ ќе го објави својот втор албум „Beats & Ornaments/Inside Macedonia“ („Битови и орнаменти/Во Македонија“) и прв со името ФИН ПРОЕКТ. Она што посебно е интересно е што притоа неговите „Јано мори, севдалино“ и „Билбил пее во планина“, и пред официјалната објава на албумот, со метеорска брзина се искачи на врвовите на топ листите на неколку домашни радио станици.

Во 2015 година, пак, ФИН ПРОЕКТ, во кој рамо до рамо со Никола ќе застане и клавијатуристот и композитор Влатко Георгиев, ќе го објави и вториот албум „Едно е сонцето“. Во него, преку препознатливиот и автентичен призвук на традиционалната македонска музика, низ авторските композиции, во фузија со разновидни електронски аранжмани, зачинети со џез-рок и „chill“ елементи, се нуди едно уникатно и опуштачко доживување. Покрај Георгиев, на албумот како гости се појавуваат и Даниел Маневски на кавал, Ангела Стефковска како вокалистка, Зоран Велковски на гитара и други. Темата за која што беше направен и видео спот „Знак“ („The Sign“) е сè уште често присутна на програмите на домашните радио и телевизиски станици, а зад објавата како издавач застана Plur Rec, реномирана издавачка куќа од Ибица, Шпанија.

Инспирирани од музичкотот творештво на ФИН ПРОЕКТ, голем број интернационални и домашни артисти од светот на електронската музика, како Тони Томас, Зак Џи, Далибор Дадоф, Оливер Петковски и други имаат направено ремикс верзии на дел од композициите од албумските остварувања на Стојковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG