Достапни линкови

УНХЦР изрази загриженост за случувањата во Идомени


Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации, УНХЦР преку соопштение изрази загриженост за случувањата на грчко – македонската граница. Во соопштението е наведено дека „вчерашното насилство на границата помеѓу Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија близу Идомени и сцените со користење солзавец во големи размери предизвикаа голема загриженост кај УНХЦР.“

Агенцијата посочува дека тоа треба да биде така кај сите што се загрижени за одговорот на Европа на состојбата со бегалците и мигрантите. „Многупати во изминативе месеци гледавме како се случуваат тензии на различни европски граници, помеѓу безбедносните сили од една страна и луѓето што бегаат од војна и на кои им треба помош од друга страна. Се повредуваат луѓе и се уништува имот. Се нанесува штета на перцепциите за бегалците исто колку и на имиџот на Европа. Сите губат. Во текот на изминатите денови, вниманието на медиумите и јавноста беше насочено кон начинот на спроведување на договорот помеѓу ЕУ и Турција на егејските острови и во Турција. Не треба да ги заборавиме многуте други бегалци и мигранти коишто продолжуваат да бидат засегнати од ситуацијата, посебно речиси 46.000 лица на грчкото копно коишто пристигнаа пред да стапи договорот во сила. Во Идомени, околу 11.000 лица спијат веќе повеќе недели на отворено во невидено тешки услови коишто ги поттикнуваат на безнадежност и очај.“

„Агенцијата УНХЦР е подготвена да го поддржи доброволниот трансфер на лица кон центрите коишто ќе ги подигне грчката влада, заедно со потребните услуги за време на регистрацијата и процесирањето. Ова е итно. Во меѓувреме, во Идомени, УНХЦР заедно со грчката влада, грчките НВО и други партнери обезбедува храна, медицинска помош, помош за лицата со специфични потреби и превенција и одговор на сексуално и родово насилство“, се вели во соопштението.

XS
SM
MD
LG