Достапни линкови

Македонија поделена меѓу бојкот и избори


СДСМ останува на ставот за бојкот, а ВМРО-ДПМНЕ оди на избори. Експертите велат дека на внатрешен план кризата ќе продолжи и ќе се продлабочува. А последици ќе има и на надворешен план.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и денеска не ги сменија своите спротивставени ставови за изборите на 5-ти јуни, со што Македонија е поделена меѓу бојкот и избори. Нема контакти меѓу партиите за да се нормализира состојбата, а според најавите на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во петок треба да ги распише изборите.

На внатрешен план кризата ќе продолжи и ќе се продлабочува, затоа што луѓето нема да го добијат она што го бараат. Целата работа околу изборите беше придвижена и прашањето беше поставено за легитимноста на изминатите изборни процеси и за промените кои треба да се направат со цел да има фер и демократски избори.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Според СДСМ не е можно до крајот на неделата да се реализира целата проверка на избирачкиот список од што зависи регуларноста на изборите. Од оваа партија повторија дека до петок нема да ги повлечат своите претставници од ДИК со цел да се обезбеди контрола на натамошното прочистување на избирачкиот список, а за понатаму дополнително ќе одлучат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Собранието се распушта во петок и оти има со закон утврден термин за одржување на изборите.

Професор Мирјана Најчевска вели дека е нелогично зошто воопшто владејачката партија би сакала да оди на избори ако опозицијата и дел од граѓаните велат дека не треба да се оди. Кога е некој на власт, сака и да остане така, така што нема потреба да оди на избори, вели Најчевска, дополнувајќи дека избори бараат тие што не се на власт. Според нејзините укажувања апсолутно нелогично е барањето на оние што се на власт да излезат на избори, ако не се направени потребните промени и доколу дел од граѓаните се уште мислат дека има многу недоречености како во избирачкиот список, така и во односот со медиумите и одвојувањето на партијата од државата.

„На внатрешен план кризата ќе продолжи и ќе се продлабочува, затоа што луѓето нема да го добијат она што го бараат. Целата работа околу изборите беше придвижена и прашањето беше поставено за легитимноста на изминатите изборни процеси и за промените кои треба да се направат со цел да има фер и демократски избори“, вели Најчевска.

Професор Темелко Ристески укажува дека во случај на бојкот од поголем дел до граѓаните нема да може да стане збор за легитимни избори, бидејќи легитимитетот го даваат граѓаните. Изборите ќе имаат легитимитет ако поголем број граѓани излезат да гласаат, вели Ристески.

„Пример ако не излезат 70 – 80 отсто од граѓаните, демократски избраните претставници всушност нема да бидат претставници на граѓаните, тие ќе бидат претставници на еден помал број на граѓани, на 20 - 30 отсто, и тука не може да зборуваме за легитимитет на изборите.“

Во случај да се организираат избори без учество на опозицијата, експертите велат дека последици ќе има и на надворешен план. Според Најчевска реперкусиите за Македонија нема да бидат поради постоењето на политичката криза, туку поради отвореното непочитување на правото.

„И автоматски во вода ќе падне сè она што на хартија личи на реформа, зошто во реалноста тоа не се рефлектира со повеќе демократија во државата.“

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG