Достапни линкови

logo-print

Судири со мигрантите на македонско - грчката граница


Состојбата на македонско грчката граница со часови е тензична откако претпладнето група мигранти се обидоа да влезат на македонска територија и да ја пробијат заштитната ограда.

Македонската полиција, како што потврдија од Министерсвото за внатрешни работиза РСЕ, употребила солзавец за да спречи нелегално влегување на македонска територија. Мигрантите во обид да влезат во земјава почнале да фрлаат со камења кон припадниците на македонските безбедносни служби. Во инцидентите, велат од МВР, се повредени тројца полицајци.

Докторите во Идомени, како што јавува Асошиејтед Пресс, пак им дале помош на десетици мигранти со респираторни проблеми и мали повреди. Координаторот на меѓународната огранизација Доктори без граници за агенцијата рекол дека тројца повредени се пренесени во болница.

МИА јавува дека три добро организирани групи бегалци од дивиот камп во грчкото погранично место Идомени се обиделе илегално да ја поминат македонско-грчката граница на три различни места на потегот од граничниот камен 59 кон селото Моин.

“Три групи мигранти кои подолго време престојуваат во дивиот камп во Идомени, составени од по 500 до 700 луѓе, истовремено се обидоа илегално да ја поминат границата оштетувајќи ја заштитната ограда на три места на потегот од граничниот камен 59 кон Моин. Со благовремена интервенција на нашите безбедносни сили кои употребија шок и гасни бомби, како и со интерванција на грчката полиција, групите беа спречени во своите намери и вратени назад во кампот во Идомени” изјави раководителот на кампот во Гевгелија Зоран Лазаровски за МИА.

Македонскиот хелсиншки комитет во соопштение наведе и дека пред обидот да ја пробијат граничната ограда и да влезат на македонската територија бегалците и мигрантите биле предупредени од полицијата дека влезот во Македонија не е дозволен бидејќи сите граници на Балканската рута се затворени.

“Набрзо по предупредувањето, дел од бегалците и мигрантите започнаа да фрлаат со камења и тврди предмети преку оградата кон полициските службеници. На ваквата реакција полицијата одговори со употреба на шок-бомби и солзавци од македонска на грчка територија каде не се забележува присуство на грчката полиција” наведува во соопштението Македонскиот хелсиншки комитет. Од таму апелираат при преземањето на полициски овластувања и одржувањето на јавниот ред и мир, полициските службеници да ја обезбедат неопходната заштита и почитувањето на правата на бегалците и мигрантите и да не применуваат несразмерна сила или активности.

Агенцијата Ројтерс повикувајќи се на изјави на очевидци јави дека до инцидентот дошло откако група од повеќе од 500 луѓе поверувала на гласините дека границата е отворена. Активисти, како што се јавува, вчера им делеле флаери на арапски јазик во кои ги повикувале да се соберат пред оградата следниот ден. Откако тоа било негирано од македонските полицајци повеќе од сто мигранти, меѓу кои и деца, се обиделе да се прекачат преку оградата.

Во областа Идомени има повеќе од 11 000 луѓе откако балканските земји ги затворија границите во средината не февруари.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG