Достапни линкови

logo-print

Дијамант


Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија

Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија

Нашиот дијамант е Македонија. Оние кои немаат услови ја напуштаат засекогаш, од друга страна има луѓе кои сакаат да ја имаат цела. Две класи или поточно две каси, една празна една полна, пишува Виктор Петковски, Либерална унија на млади на Македонија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Дијамантите најчесто рефлектираат два ефекти врз луѓето, одбивен и привлекувачки ефект. Оние кои не можат да ги имаат, престануваат да мислат да нив, ги бришат од својата меморија и продолжуваат понатаму. Оние пак кои се во состојба да ги поседуваат, сакаат да ги имаат во изобилство и во најразлични облици.

За разлика од повеќето дијаманти, овој треба да е достапен на сите, затоа што неговата убавина не е во отсјајот, туку во луѓето што работеле за тој да сјае.

Нашиот дијамант е Македонија. Оние кои немаат услови ја напуштаат засекогаш, од друга страна има луѓе кои сакаат да ја имаат цела. Две класи или поточно две каси, една празна една полна. Полната во рацете на нашиот 0,1 процент наскоро ќе почне (читај избори, кога и да се) по не знам кој пат, дека ни е добро и дека сме победиле, само изгледа не знаеме. И за тоа всушност планираат да трошат пари. Трошат пари за реклама, луѓе за кои слушавме по плоштади дека се вмешани во најтешки криминали, креатори на многу тажни судбини, сега повторно ќе се шминкаат по студиата и ќе излегуваат по билборди. Од друга страна, секој ден гледам повици на Facebook, на некој му е потребна помош, најчесто медицинска, па треба да се донира, или парична поради неможност некој денес да купи парче леб.

Сакам тука малку да застанеме, да направиме чекор назад и повторно да погледнеме. Власта со своите шминки пред огледалата на нашите најспособни make up професионалци, кои имаат задача грдото да го претворат во убаво, и луѓето кои (не)преживуваат секој ден. Ќе се согласиме дека има што да видиме. И еве пак да повториме иако сите знаеме, власт и партија не е исто. Тоа кај нас е само рефлексија на слаба демократија, која Аристотел во својата „Политика” ја става во група со тиранијата, и аристократијата како деструктивни облици на владеење, значи слаба демократија а не диктатура или нешто друго.

Во меѓувреме поминуваат меѓународни булдожери, трактори, секој да „помогне” колку може. Но на крајот изгледа дека ќе се покаже дека оваа нива може да ја ораат само нашите трактори и ниедни други. Сами да се избориме за тоа што ни следува, и обратно, сами да ги носиме последиците од неуспехот, единствен начин на кој стварно ќе пораснеме и ќе научиме да чуваме нешто што е наше. Да зборуваме политика секој ден по малку, културно и одмерено, наместо пред избори во тони и со викање и насилство.

Што е во наша моќ? Што ние можеме да направиме за да придонесеме во подобрување на здравјето на нашата држава? Зарем ние како личности не сме премногу мали за да имаме било какво влијание врз било кој аспект од функционирањето на системот? Одговорот е, секој е мал, онолку колку што се чувствува мал и обратно, голем е колку што се чувствува голем. Да бидеме големи, без разлика што ќе излезе од шминкерското студио на билбордите. Да бидеме големи, иако ни зависи работата. Да бидеме големи, иако во последно време се не притиска да бидеме мали. Затоа што ако бевме мали, немаше да имаме држава за која сега си вадат очи и се држат за тие фотелји како да им се оставени во наследство од дедо. Не ни е поклонета, затоа нема да се однесуваме на тој начин, за разлика од некои (читај десет годишна власт) кои мислам дека и спрема поклони се однесуваат попристојно. За разлика од повеќето дијаманти, овој треба да е достапен на сите, затоа што неговата убавина не е во отсјајот, туку во луѓето што работеле за тој да сјае.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG