Достапни линкови

Неделен печат - Кој е крив за кризата и како да се реши?


Глобус пишува дека Македонија е пример каде што мафијата има своја држава, Република дека власта ја бира народот, а не амбасадорите, а Фокус дека власта го следела Специјалното обвинителство.

Глобус - Македонија е школски пример за дефиницијата дека мафијата има своја држава

Малку акал во главата да имаш, јасно ќе ти биде дека тоа што сами ѓоа изборно ќе се натпреваруваат со ‛народот‛, е кризирање на кризата. А нивната алтернатива е: или општа калакурница или Фамилијата на суд.
Фокус

Од партиската мафија е инспириран авторот на колумната „Таленти“ во најновото он-лајн издание на неделникот Глобус. „Македонија е школски пример за дефиницијата дека мафијата има своја држава“, пишува колумнистот, кој потсетува дека „криминално мафијашката тајфа од една страна исцело и беспоговорно ја има узурпирано целата власт во партијата, а од друга страна, со притисоци, закани, па и со примена на сила ги држи под контрола институциите на државата“. Според Глобус, последиците од тоа се урнисување, речиси до темел, на сопствената партија која стана полигон за криминал и ја загуби својата смисла и идеја, како и разнебитување на државата. „Последната очајничка можност да се спаси од политичка и кривична одговорност“, заклучува Глобус, „партиската мафија ја гледа во наметнатите јунски избори. Дури и да се случи, со извежбан изборен криминал, да победи, тоа не може злосторничкото здружение да го амнестира од криминалот и грабежот направен изминатите десет години. Партиската, како и секоја друга мафија, на крај ќе мора да одговара за своите недела“.

Република - Одлучува народот, а не чадорот

За Република, пак, „Одлучува народот, а не чадорот“, при што за алузијата на САД под кодот „чадор“ веќе и врапчињата знаат. Авторот ја повторува веќе познатата теза дека уште од самиот почеток на кризата, лидерот на опозицијата и неговите најблиски соработници, меѓу кои, како што пишува, „има криминалци, медиумски платеници и амбасадори со неуспешни кариери“, се обидувале насилно да ја сменат легално избраната власт за да инсталирале послушничка влада која беспоговорно ќе ги исполнувала желбите на центрите на моќ. На крај, колумнистот во Република е сигурен во следново: „Што и да се случува до јуни, избори мора да има, а СДСМ ќе претрпи катастрофален пораз каков што никогаш досега не доживеал... власта ја дава народот, а не амбасадорите“. Република пишува и за „Предизборни пресметки на ‛Павел Шатев‛“, потоа дека „Тоне рејтингот на СДСМ“, како и за тоа дека „Се руши ВМРО поради името?“

Фокус - Горан Грујевски водел тефтер за следење на специјалните обвинители!

Фокус на насловната информира за скандалозното откритие во домот на шефот на Петтата управа на УБК: „Горан Грујевски водел тефтер за следење на специјалните обвинители!“ Пишува и за тоа како „Кумашинот на Мартин Протуѓер растура со тендерите медицинска опрема“, како и дека „Жители на Кавадарци и на Свети Николе се селеле во Центар само за да гласаат!“ Во уводникот „За нештата да станат појасни“, пак, Фокус забележува: „Малку акал во главата да имаш, јасно ќе ти биде дека тоа што сами ѓоа изборно ќе се натпреваруваат со ‛народот‛, е кризирање на кризата. А нивната алтернатива е: или општа калакурница или Фамилијата на суд. Нашата, пак, е да истраеме во битката за СЛОБОДНА Македонија. Бојкот, јес!“, завршува со одобрувачки извик колумнистката во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG