Достапни линкови

Дневен печат – Избори без СДСМ на 5 јуни


Главна тема во речиси сите дневни весници е распуштањето на Собранието и најавениот бојкот на изборите од страна на опозицискиот СДСМ.

„Собранието се распушти, пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата“, објави Утрински во рубриката „Најнови вести“. Утрински, како и сите печатени медиуми, ја објавуваат и изјавата од прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека „СДСМ нема да учествува на изборите на 5 јуни бидејќи не се исполнети условите предвидени во договорот од Пржино“.

СДСМ нема да учествува на изборите на 5 јуни бидејќи не се исполнети условите предвидени во договорот од Пржино.

За Вечер, „Заврши теренската проверка на Избирачкиот список, нема пречка за избори на 5 јуни“. И Утрински и Дневник информираат: „ДИК со поделени ставови за прочистувањето на Списокот“ - насловува првиот, и „Кавги и тензии во ДИК – и по сите проверки, за членовите од СДСМ списокот не е чист“, пишува вториот весник.

Инаку, директорот за проширување на ЕУ, Кристијан Даниелсон, кој го посети Скопје ден пред распуштањето на Собранието, изјави: „Имате уште многу работа“ - објави Утрински.

На прес- конференција на Граѓанската асоцијација „Мост‟, нејзиниот прв човек, Алексов, изјави дека: „Има бројни прекршувања пред изборите“, а граѓанската невладина „Цивил‟ на протестот пред Собранието побара одложување на изборите за во септември и оставка на Владата. Оваа вест ја објавија само две телевизии: 24Вести и Телма.

Еве некои од насловите во Вечер поврзани со темата вонредни избори: „Олеснување: На 5 јуни е крај на хаосот и неморалот на Заев“, „Ако ДИК и моите странци не ме премислат, ќе се консултирам што ќе правам со СДСМ“, „Заев: Барав избори за да ги бојкотирам“.

Утрински информира: „ОЛАФ – Европската канцеларија надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија отворила истрага за злоупотребите на ИПА-фондовите во Македонија, потврдуваат за Радио Слободна Европа од ОЛАФ“.

Исто така Утрински информира и за светската афера „Панамски документи“ со наслов: „Покрај пријатели и роднини на Путин, Порошенко, Камерон, сите земји од поранешна Југославија, има и две фирми од Македонија кои работеле со адвокатската канцеларија во Панама“. Нова Македонија оди со наслов: „‛Панама пејперс‛ удри по супербогатите“, а Вечер излегува со теза дека главна цел на аферата е да го наруши угледот на дел од светските лидери кои водат независна политика од САД, како Русија и Кина, а главниот играч и финансиер бил Сорос.

Прегледов мора да заврши, но како за крај веста од Утрински: „Според испитувањата на Евростат, Македонците заработуваат 3,2 евра на час, а Данците 41,3 евра“. Слободен печат, пак, излегува со наслов: „Подобро на нива во странство отколку во струката дома“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG