Достапни линкови

Европската канцеларија против измами, ОЛАФ, отвори истрага за тоа како власта ги трошела парите од ИПА фондовите.

Отворена е истрага за искористувањето на средствата од ИПА фондовите во Македонија, потврдија за Радио Слободна Европа од ОЛАФ - Европската канцеларија која е надлежна за истраги поврзани со измами при Европската комисија. Од канцеларијата велат дека не можат да дадат дополнителен коментар, бидејќи истрагата е во тек. Во оваа фаза на истрагата, како што наведоа, не можат да кажат ни за колкава сума на пари се работи.

Нормално, сите средства коишто ги добиваме од ЕУ се подложни на истрага од ОЛАФ, но таа истрага не оди по автоматизам. Во случајов се прави затоа што има определени наводи.

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование вели дека се работи за неповратни средства кои се трошат за најразлични намени, а државата го утврдува начинот на кој ќе бидат потрошени парите и по кои правила. Најголем дел од тие средства, наведува Маричиќ се управуваат од Владата, а во нашиот случај од Министерството за финансии.

„Обвинувањата или да речам наводите коишто ги слушаме овие денови, пред сè од поранешниот медијатор Питер Ванхауте, се однесуваат токму на овие средства коишто се имплементираат преку владата, преку Министерството за финансии. Истрагата би требало да биде токму за нив. Нормално, сите средства коишто ги добиваме од ЕУ се подложни на истрага од ОЛАФ, но таа истрага не оди по автоматизам. Во случајов се прави затоа што има определени наводи“, вели тој.

Маричиќ додава дека не е прв пат да има истрага за Македонија, како што беше случајот со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, што резултираше со двегодишна суспензија на тие средства. Тоа, според него, требало да биде лекција за Македонија да биде претпазлива.

„Возможна е суспензија, возможно е тоа потоа да повлече и друг вид на одговорност, значи кривична одговорност којашто би се процесирала преку нашите институции, но во секој случај ќе мора да се вратат сите пари, тоа е праксата, да бидат вратени сите пари коишто се изманипулирани“, вели Маричиќ.

Посредникот во преговорите, белгискиот експерт Питер Ванхауте изјави дека постојат дојавувачи кои имаат волја во Брисел да сведочат за злоупотребата на ИПА фондовите и оти до 40 отсто од парите ќе треба да се враќаат во кеш поради незаконско користење.

Маричиќ додава дека истрагата треба да покаже дали навистина имало злоупотреби и која е одговорноста на институциите и на одделни лица, бидејќи ќе се врати довербата во квропските фондови кои имаат корисни ефекти во некои области. Како пример, Маричиќ го посочува автопатот Демир Капија-Смоквица, кој делумно е финансиран од ИПА фондовите, потоа неколку пречистителни станици, а предвидено е и реновирањето на железничката станица во Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG