Достапни линкови

logo-print

Има уште работа за кредибилни избори


Генералниот директор на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон

Генералниот директор на Директоратот за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон

Директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон бара поддршка за ДИК и за СЈО, како и медиумски реформи за да има кредибилни избори.

Одложувањето на изборите во февруари овозможи дополнително време за да се постигне напредок, но како и да е, има сè уште работа, рече директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон по средбите со лидерите на четирите партии и премиерот Емил Димитриев. Тој ги повика сите страни и државни институции да работат заедно за да осигураат кредибилни избори и да бидат вклучени во избирачкиот процес.

Многу сме загрижени за опструкциите за кои се јавува и поткопување на нејзината работа. Повторно ги повикуваме оние кои јасно се согласија за формирање на канцеларијата на специјалното обвинителство да се воздржат од напади и целосно да ја поддржат.

„Особено ги охрабрувам сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија во прочистување на избирачкиот список. Тоа ќе помогне во враќање на довербата на граѓаните во процесот. Медиумите, особено јавниот сервис, исто така играат клучна улога за граѓаните да донесат информирана одлука на денот на изборите. Тие треба да имаат пристап до балансирано известување и различност на мислења“, рече Даниелсон, кој додаде и дека се направени први чекори кон поизбалансирано известување, но дека повеќе треба да биде направено во пракса.

Изборите се само дел од приказната, додаде тој, нагласувајќи дека Комисијата инсистира политичкиот договор и итните реформски приоритети да се спроведат пред, за време на изборите и по нив. Даниелсон нагласи и дека Специјалното јавно обвинителство е важен дел од договорот од Пржино.

„Многу сме загрижени за опструкциите за кои се јавува и поткопување на нејзината работа. Повторно ги повикуваме оние кои јасно се согласија за формирање на канцеларијата на специјалното обвинителство да се воздржат од напади и целосно да ја поддржат“, рече Даниелсон, кој изрази загриженост и од извештаите за заплашување на гласачи.

„Политичките партии тоа треба да го спречат, а државата да го санкционира таквото однесување. Граѓаните исто така имаат одговорност да пријават какво било заплашување до надлежните“, рече европскиот дипломат кој не одговараше на новинарски прашања.

Иако до пред распуштањето на парламентот за избори на петти јуни веќе се бројат часови и политичарите со кои се сретна Даниелсон не одговорија конкретно за нивниот став. Претседателот на ДПА Мендух Тачи рече дека не сака да коментира дали изборите треба да се одржат на 5 јуни, туку само посочи дека треба да се исполнат сите услови тие да бидат фер и демократски и оти сите треба да работат на тоа. Претседателот на ДУИ Али Ахмети, пак, на Даниелсон му пренел дека Државната изборна комисија треба да ја заврши својата работа навреме, додека тие ќе дале поддршка на Комисијата за примерно спроведување на изборите. Од владината прес-служба по средбата со Даниелсон соопштија дека приоритет на владата е организацијата на фер, кредибилни и демократски избори на 5-ти јуни, а соговорниците, како што информираат од владиниот кабинет, се согласиле дека сите политички партии треба да покажат посветеност за унапредување на довербата во изборниот процес и дека е потребно континуирано спроведување на реформите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG