Достапни линкови

logo-print

Мигрантите бараат азил на грчките острови


Полициски извори од грчкиот остров Хиос за „Катимерини“ изјавиле дека денеска нема да се враќаат мигранти во Турција, затоа што повеќето од оние кои требало да бидат вратени, поднеле барање за азил, јавува МИА од Атина. Агенцијата наведува дека според истите извори враќање на мигранти во Турција нема да има ни утре.

Повеќето од мигрантите за кои имаше информации дека се изгубиле, поднеле барање за азил и според меѓународните конвенции не може да бидат вратени назад се додека не се разгледа нивното барање. Според полицијата, кога дознале дека можеби ќе бидат вратени назад во Турција, мигрантите побрзале да поднесат барање за азил, како што ги советувале претставниците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).

Во меѓувреме грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас подготвува состаноци со неговите колеги од Албанија и Италија на кои ќе се разговара за бегалската криза на Балканот, пишува денеска весникот „То Вима“, повикувајќи се на информации од дипломатски извори. Весникот нагласува дека оваа иницијатива доаѓа премногу доцна и оти Грција се обидува да се активира за да се спречи најлошото.

Според информации на „То Вима“, Коѕиас, под притисок на Владата, чии членови сметаат дека Министерството за надворешни работи покажало инертност во врска со тоа што се случува на Балканот, сега сака да допре до Албанија, Македонија и Бугарија за прашањето на бегалците. Овој процес најверојатно ќе има две фази. Првата ќе биде трилатрерални консултации Атина – Тирана - Рим, а вторите разговори ќе се одржат меѓу Атина, Софија, Тирана и Скопје.

XS
SM
MD
LG