Достапни линкови

Американците Мивос со светска премиера на две македонски дела


Мивос квартет
Мивос квартет

Со светска премиера на две македонски дела и одбир на програма во која се композиции на Лара, Францон, Хонстајн и Коларовски, оваа среда, на 6 април, во 20 часот, во Музеј на Град Скопје, во рамките на 39 Денови на македонска музика, ќе настапи гудачкиот квартет „Мивос“, според критичарите, „еден од најхрабрите и најинтензивните нови музички ансамбли во САД“.

На актуелното 39-то издание на манифестацијата Денови на македонска музика, уште еден концерт кој завредува особено внимание. В среда, на 6 април, во 20 часот, во Музеј на град Скопје, ќе музицира гудачкиот квартет „Мивос“ од САД, во кој членуваат виолинистите Оливија Де Прато и Џошуа Модни, виолистот Виктор Лори и челистката Мариел Робертс.

Композицијата за гудачки квартет „Имплозија“ е инспирирана од процес којшто е во природата и во кој објектите се уништуваат од кородирање во самите себе, а тоа често се случува поради влијание на надворешна сила.
Маријана Јаневска, композиторка

На програмата се дела од докажани автори како Фелипе Лара, Дејвид Бринјар Францон, Роберт Хонстајн и Гоце Коларовски (неговиот често изведуван квартет „Распеви“ од 1992 година работен на тема од Јован Кукузел), а за домашната културна јавност е особено значајно што во оваа пригода ќе се случат и светските премиери на творбите на композиторките Маријана Јаневска и Валентина Велковска – Трајановска, обете наградени на Конкурсот за откуп на музички композиции на Министерството за култура.

„Композицијата за гудачки квартет „Имплозија“ е инспирирана од процес којшто е во природата и во кој објектите се уништуваат од кородирање во самите себе, а тоа често се случува поради влијание на надворешна сила. Имплозијата е обратен процес од експлозијата. Таа концентрира материја и енергија. Во мојата торба се обидов да ја прикажам имплозијата преку односот меѓу и внатре во иматските материјали, со тоа што влијанието на првиот е толку големо што вториот се изобличува и потоа кородира во самиот себе. Формата исто така се заснова на овој процес којшто е во природата и особено е значајно тоа што светската премиера на делото ја доживувам токму од овој еминентен американски гудачки квартет - „Мивос“. Едвај чекам да ја слушнам композицијата, да работам со нив, па и да слушнам некои сугестии во однос на техниките, изведбата итн“, вели Јаневска, инаку студентка на композиција на Факултетот за музичка уметност, во класата на вонреден професор Дарија Андовска.

Валентина Велковска – Трајановска, пак, од своја страна вели дека нејзиното дело „Празнината“ е создадено 2014 година и дека инспиративно се осврнува на истоимената песна од поетот Јован Стрезовски, која во случајов нејзе и била еден вид програмска определба во рамките на музичката содржина.

„Во песната се вели: „Огледало без одраз, длабина без дно, Привидно ја владееме зафаќајќи ја во облици, а таа е вон нив. Ги содржи како што не содржи и нас. Со смртта наша поголема станува“. Музичкиот материјал започнува за практично на некој начин да ја донесе таа празнина и содржина, празнината околу неа која постојано се шири.

За мене огромна чест е што СОКОМ, кој патем има обврска да ги изведе наградените дела на Конкурсот, годинава за 39- Денови на македонска музика успеа да ги донесе „Мивос“ кои важат за еден од најдобрите американски гудачки квартети за нова современа светска музика и кои во Музеј на град Скопје ќе ја изведат и мојата композиција“, вели таа.

Бележан како „еден од најхрабрите и најинтензивните нови музички ансамбли во САД“ (The Chicago Reader“), гудачкиот квартет „Мивос“ е верно посветен на изведбите на дела од современи композитори, редовно пласирајќи и нова музика на публиката. Од самите свои почетоци во 2008 година, квартетот ја крепи идејата за соработка со што поголем број на меѓународни творци кои презентираат повеќеслојна естетика на актуелни класични дела. Од таму разбирливо е што основната премиса на нивната мисија се нарачките на композиции што резултираат со нивни премиерни изведби, па така во портфолиото на „Мивос“ можат да се сретнат творбите на бројни композитори во подем или, пак, реномирани автори како Алекс Минцек, Хелмут Лахенман, Ана Клајн, Самсон Јанг, Филип Глас, Лук Дубоа и други.

Ова подразбира дека „Мивос“ веќе ги освоиле светски познатите концертни простори како музејот Гугенхајм, центарот Кенеди, Занкел Хол, МоМА, дека биле присутни на фестивали како „Виен модерн“, Интернационалниот саем на НОВА музика во Дармштад (Германија), Асфалт фестивал, потем на случувањата во Хонг Конг, Шангај, во повеќе градови од Велика Британија и така со ред.

Во нивната биографија ќе биде забележано и тоа дека во сезоната 2013-14, членовите на Гудачкиот квартет ги потпишале и премиерните изведби на новите дела на Сам Плута, Ден Блејк, Марк Барден, Скот Волшлегер и Патрик Хигинс, а работеле и на развивање на творбите на Ричард карик, Ерик Вубелс, Кејт Сопер и поетот и музичар Сол Вилијамс.

Како дополнение на нивната работа на интернационално ниво, „Мивос“ е активен и во едукацијата со водење работилници насекаде во светот. Неговите членови исто така ги иницираа и редовно ги спроведуваат годишните Мивос/Кантер награди за композиција на гудачки квартет чија основна цел е да ги промовираат и стимулираат и младите и композиторите во подем, како и да го охрабрат континуираниот интерес за создавање на нови дела наменети за гудачки квартет.

Од друга страна, секој од членовите поединечно е познат по сопствениот индивидуален придонес во современата музика, како и по честите изведби со водечките ансамбли во новата музика, вклучувајќи ги тука формациите како „Сигнал“, „Виктоар“ и „Вет инк“. Инаку, Де Прато, Модни, Лори и Робертс се дипломци на програмата Мајстори за современа изведба на Колеџот за музика на Менхетен.

Инаку, овој проект е поддржан од Mid Atlantic Arts Foundation преку USArtists International во партнерство со Националната донација за уметност и фондацијата Ендру В. Мелон, негов составен дел е и предавањето на тема „Екстензивни техники на гудачките инструменти“ кое ќе се одржи во предвечерието на концертот, на 5 април, со почеток во 11 часот, во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG