Достапни линкови

Трајановски ненадлежен ни за орелот ни за крстот


Архивска фотографија: Протестен камп на ДУИ во Бутел, на местото каде што требаше да биде поставен 55-метарскиот крст

Архивска фотографија: Протестен камп на ДУИ во Бутел, на местото каде што требаше да биде поставен 55-метарскиот крст

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски вели дека не е надлежен за поставувањето на орелот во Чаир и на крстот во Бутел. Опозицијата смета дека бега од одговорност.

Образложенијата за потребата од изградба на двоглавиот орел и крстот во општините Чаир и Бутел остануваат заглавени во институциите кои меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, а одговорите отсуствуваат. Ова е епилогот и од седницата на Советот на Град Скопје на која СДСМ побара информација какво беше учеството на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, како и на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на овие настани.

Јас бев присутен на покана на инвеститорот на една од градбите.

Градоначалникот Трајановски рече дека упатил барање до Министерството за локална самоуправа и до градежниот инспекторат, како надлежни за контрола на општините, да ја испитаат постапката околу законитоста на изградбата, но оти не добил повратна информација. Барањето на опозицијата да го објасни своето присуство на поставувањето на крстот во Бутел тој го нарече тенденциозно.

„Јас бев присутен на покана на инвеститорот на една од градбите“, рече тој.

Според опозицијата, пак, очигледно е дека поставувањето на крстот и на двоглавиот орел било насочено кон собирање политички поени за избори и оти само поради трезвеноста на граѓаните не беа предизвикани поголеми меѓуетнички проблеми. Дамјан Манчевски од СДСМ укажа дека улогата на градоначалникот била да спречи да има контра-протести и протести и оти тој не смее да учествува на такви настани.

„Немате ни лице да кажете што правевте таму. Немате храброст да застанете зад своите дела. Самиот кажавте дека градот нема издадено правен акт за поставување на овие споменици. Па како издававме дозволи за други споменици? И сега ќе ја префрлуваме топката, не сте надлежни, а на терен хаос, кој овој пат можеше да оди во многу несакана насока“, рече Манчевски.

Трајановски одговори дека ова не го очекувал од Манчевски.

„Да кажете дека некој нема лице е надвор од секоја норма. Според Законот за Град Скопје, општините сами си носат одлуки, а ова што градот го поставуваше се правеше според сите процедури“, рече градоначалникот Коце Трајановски.

СДСМ исто така укажаа дека поставувањето на двоглавиот орел и на крстот е направено без да се почитува процедурата, односно дека не се донесени одлуки за изгледот и местоположбата на објектите, прекршени се и други процедури и оти со тоа се дивоградби на кои градоначалникот и советниците на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ не смееле да учествуваат. Советниците на СДСМ побараа оставка одградоначалникот Коце Трајановски, нагласувајќи дека неговото појавување на дивоградба е проблем.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG