Достапни линкови

И Македонци переле пари во Панама?


Светската афера со офшор компании од Панама откри многу светски имиња на политичари, спортисти, актери кои наводно переле пари. Се претпоставува дека на тие листи можно е да се најдат и имиња од македонската бизнис и политичка елита.

Македонија нема да биде имуна на светската афера со офшор компании од Панама. Станува збор за протокот на информации од адвокатската компанија Мосак Фонсека на илјадници офшор компании во даночниот рај Панама. Во првите објавени стории кои се поврзани со оваа адвокатска компанија не се спомнува ниту еден политичар од Македонија. Но се претпоставува дека на тие листи можно е да се најдат и имиња од македонската бизнис и политичка елита, иако ова се само податоци од една од стотиците фирми во Панама кои даваат ваков вид на услуги.

Oчекувам дека тука ќе се најдат доста македонски граѓани и доста фирми и денеска прочитав некои информации дека веќе има околу 50 или 60 фирми, правни или физички лица кои се поврзани со Панама.
Ана Јаневска Делева, Транспарентност Македонија.

Според податоците од извештајот на Глобал фајненс интегрити од Македонија се излеани многу црни пари во период од 2001 до 2010 година.

„И тоа беше некоја сума од 5 милијарди долари, така што очекувам дека тука ќе се најдат доста македонски граѓани и доста фирми и денеска прочитав некои информации дека веќе има околу 50 или 60 фирми, правни или физички лица кои се поврзани со Панама“ вели Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија

Според првото истражување за офшор компании во сопственост на македонски државјани кое го направија пред две години новинарите Сашка Цветковска и Борис Георгиевски, во Панама свои фирми отвориле и неколку познати македонски бизнисмени, политичари и државни службеници. Според документите до кои дошле тогаш во Панама се регистрирани најмалку пет фирми чии сопственици се македонски државјани. Едно од најзвучните имиња до кои дошле е синот на Борис Стојменов, кој отворил сметка во државниот рај Панама, додека татко му бил министер за финансии во Владата на Љубчо Георгиевски.

„Тоа беа Борис Стојменов политичар и да речеме екс сопственик на Канал 5 телевизија и новиот сопственик на Канал 5 телевизија Вања Гавриловски, но и други лица кои беа вклучени во сомнителни и болни приватизации своевремено, како директорот на Македонија Табак, кој се уште е во бегство во Јужна Америка, но и други бизнисмени кои се уште работат во Македонија“, вели Цветковска.

И доколку постојат имиња на македонски државјани во овој проток на информации од Панама и тие излезат во јавност, Цветковска не верува дека ќе има сериозни потреси.

„Затоа што Македонија не е Исланд. Во Македонија неказнивоста е принцип по кој се живее. Не видовме да паѓаат политички глави по прислушуваните разговори кои се објавија. Премногу е да очекуваме дека нешто значајно би се случило, доколку за некого се открие дека е дел од овој голем лик. “

Јаневска Делева вели дека само меѓународна истрага за македонски фирми кои се инволвирани во перење на пари може да се одрази во Македонија.

„Како властите во Македонија тоа да не допира до нив, така да сметам дека доколку има меѓународна истрага, а се надевам дека ќе има, тогаш може нешто да се случи, и да се казнат сторителите односно фирмите кои што перат пари. Меѓутоа дека Македонија во овој момент нешто како држава ќе преземе, не сум оптимиста.“

НОВАТВ, е дел од глобалните медиумски партнери кои добија пристап до базата на Документите од Панама и коишто во наредниот период најавија дека ќе ги истражат документите и ќе увидат колку и дали постојат македонски државјани во оваа дата база на податоци.

Дел од звучните имиња кои се најдоа во документите на најголемата база на податоци на компании кои се поврзани со адвокатската компанија Мосак Фонсека од даночниот рај Панама се починатиот таткото на британскиот премиер Дејвид Камерон, рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Петро Порошенко, светски познатиот фудбалер Лионел Меси и холивудскиот актерот Џеки Чен. Станува збор за податоци кои опфаќаат 40 годишен период, од 1977 година до 2015.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG