Достапни линкови

Хајредини - Се задолжуваме зашто буџетот е во колапс


Хајредини - Се задолжуваме зашто буџетот е во колапс
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:29 0:00

Хајредини - Се задолжуваме зашто буџетот е во колапс

Министерот за финансии Зоран Ставрески најдобро знае дека буџетот е во колапс. Владата се задолжува зашто не може да ги подмири редовните буџетски расходи, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Хајредини, Владата пред некој ден се задолжи кај домашните кредитори за околу 25 милиони евра. Што доколку Владата продолжи и понатаму со ова темпо на задолжување?

Сакам на почетокот да кажам дека ние немаме ни приближно претстава за состојбата на јавните финансии во Македонија. Сакам да потенцирам и дека една од забелешките во извештаите на ЕК, која постојано се повторува во последните години е отсуството на каква било финансиска транспарентност. Во извештаите се спомнува и лошото менаџирање со јавните финансии. Значи, тоа не е само мислење на експерти и граѓани на Македонија, кои сме сведоци и постојано го повторуваме, туку се повторува и оценката дека управувањето со јавните финансии постојано се влошува за да дојдеме до крајот во ситуација таквите констатации да се повторат од самиот министер за финансии што го слушавме дека само лудаци го прават она што го правиме ние. Ова е фактичка состојба која сега кулминира. Во отсуство на странски извори, бидејќи не може и натаму Светска банка со интервенции со кои се фали министерот за финансии дека благодарение на неговите врски таму успевал да влијае и Светската банка да дава гаранции. Нема каде. Ни следува период кога ќе избијат барањата на буџетските корисници и на компаниите, особено градежните преку кои се испрани големи суми на пари преку Скопје 2014.

Дали буџетот е пред финансиски колапс како што тврди опозицијата?

Дека буџетот е во колапс тоа најдобро го знае министерот за финансии Зоран Ставрески и тој тоа го потврди со изјавата дека „Немаме леб да јадеме, а купуваме чоколади“. Од една страна Ставрески вели дека немаме леб да јадеме, а од друга страна дека сме средно задолжена земја. Едно е да должи богат човек, а се задолжува за создавање на добивка, а друго е некој кој нема леб да јаде, а има огромни долгови. Тоа не е исто, ниту слично. Ова е драматично, независно што процентот и стапката на задолженост не ни била на 60 или 70 проценти, туку околу 50 или уште помалку, како што тврди Владата, но ситуацијата е дека нема од каде да се враќаат парите, оти долговите се користат за намени кои не создаваат општествен бруто продукт за да може да се вратат одземените пари. Не може да се споредуваме со Германија и Италија кои имаат сила да ги вратат долговите.

Од овие пари само дел, односно пет милиони евра ќе се искористат за раздолжување, за што мислите дека и се потребни останатите средства на Владата, имајќи предвид дека ни претстојат избори?

Не може да ги подмири обврските што буџетот ги има спрема другите доверители, компаниите и редовните буџетски расходи, како плати и пензии.

Владата постојано најавува нови странски инвестиции. Колку навистина може да се почувствува ефектот од странските инвестиции врз развојот на економијата?

Фактот што договорите што ги склучува Владата и директните инвеститори се тајни, а никој до денес не објаснил зошто се тајни, зборува дека тие договори се крајно проблематични и крајните ефекти не можеме да видиме ние од таквиот модел на ангажирање странски компании. Не знаеме што се случува внатре, знаеме дека им се обезбедуваат крајно поволни услови од даноци до изградена инфраструктура и дека тука доаѓаат поради крајно слабите плати.

Целото интервју со поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини можете да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG