Достапни линкови

ОДИХР стартува со набљудувачката мисија


Мисијата ќе ја предводи амбасадорот Јан Петерсен. Главниот тим се состои од 12 експерти и 24 долгорочни набљудувачи. Од земјите членки на ОБСЕ – ОДИХР ќе бидат обезбедени и дополнителни 300 краткорочни набљудувачи.

На покана на Министерството за надворешни работи, канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) официјално ја започнува Набљудувачката мисијата за предвремените парламентарни избори во Македонија закажани за 5 јуни, соопштија на прес-конференција претставниците на организацијата.

Ние ќе ги проценуваме и оценуваме изборите согласно или во споредба со обврските кон ОБСЕ што ги имаат преземено сите земји членки и на чие почитување се имаат обврзано заедно со другите меѓународни обврски и стандарди што се поврзани со изборите и заедно со националното законодавство.

Амбасадорот Јан Петерсен ќе биде предводник на мисијата составена од главен тим од 12 експерти со седиште во Скопје и 24 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени низ целата земја и ќе започнат со работа на 13 април. Од земјите членки на ОБСЕ – ОДИХР ќе бидат обезбедени и дополнителни 300 краткорочни набљудувачи, а ова ќе бидат 16-ти избори кои ќе ги набљудува ОДИХР. Според нивната методологијата ќе биде опфатен и мониторинг на медиумите во текот на изборната кампања.

„Во тек на набљудувањето, Мисијата ќе издаде два јавни периодични извештаи, а на денот по изборите таа ќе даде изјава за прелиминарните наоди и заклучоци на прес – конференција“, изјави амбасадорот Петерсен.

Набљудувачите ќе ја следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација. На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.

„Ние сме тука да ги набљудуваме изборите, согласно составената методологија на ОБСЕ – ОДИХР. Ние ќе ги проценуваме и оценуваме изборите согласно или во споредба со обврските кон ОБСЕ што ги имаат преземено сите земји членки и на чие почитување се имаат обврзано заедно со другите меѓународни обврски и стандарди што се поврзани со изборите и заедно со националното законодавство. Би сакал да нагласам дека ги применуваме истите стандарди и истата методологија на сите земји членки на ОБСЕ, вклучувајќи ја и вашата“, рече Петерсен.

Пред денот на изборите Мисијата на ОБСЕ – ОДИХР ќе биде придружена и со членови на парламентарното Собрание на ОБСЕ и парламентарното Собрание на Советот на Европа , а по денот на изборите мисијата ќе остане во земјата за ја следи постизборната ситуација. Конечниот извештај на Мисијата ќе биде објавен околу осум недели по завршувањето на процесот и тој ќе содржи препораки за тоа како да се подобри избирачкиот процес. Извештајот ќе им биде претставен на властите на разгледување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG