Достапни линкови

logo-print

Забрана за ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци


Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Дирекцијата за заштита на личните податоци по службена должност изврши вонреден инспекциски надзор во Државната изборна комисија по однос на објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список на нејзината веб страница и донесе две привремени решенија. Со едното, како што соопшти, се забранува ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци во Избирачкиот список објавен на веб страницата на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а со другото, на ДИК ѝ се забранува да објавува на својата веб страница лични податоци на физички лица (име и презиме, пол, адреса, место и општина, датум на раѓање, податок за иселени лица и број на гласачко место), содржани во Списокот на неконзистентни записи-предмет на теренски проверки.

Привремените решенија, наведува Дирекцијата, се издадени со цел да се спречи натамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување на евентуални штетни последици до донесувањето на решенијата.

Членовите на Државната изборна комисија на работен состанок ќе го разгледуваат писмото што до нив го испрати Дирекцијата за заштита на лични податоци во врска објавувањето на личните податоци од Избирачкиот список, по што се очекува Комисијата да излезе со свој став.

СДСМ, пак, реагира дека со барањето да му се забрани на ДИК да обезбедува електронски пристап до личните податоци се крши Изборниот законик и договорот од Пржино.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак реагира дека од првиот момент поддржува проверка и на сите два милиони жители, бидејќи „СДСМ ќе добиеше два милиони одговори зошто граѓаните не ги поддржуваат нивните манипулации“. Во реакцијата се истакнува дека СДСМ еден ден откако била објавена листата на т.н. неконзистентни или „фантомски“ гласачи, барала списокот да не биде јавно достапен.

XS
SM
MD
LG