Достапни линкови

На пратениците им останува само да се распуштат


Во Собранието се законот за кривична постапка, медиумските закони, но тие не се обврзувачки за претстојните избори, па така на Парламентот му останува само да се распушти за една недела, ако има избори на 5 јуни.

За една недела Собранието треба да се распушти ако се остане на датумот кој засега е договорен за избори - петти јуни. Последната седница би требало да се одржи на седми април, а дотогаш пратениците од прашањата што се поврзуваат со изборите би можеле да гласаат за некој од законите за медиуми кои деновиве стигнаа во собранието, првиот од пет новинарски организации, а вториот од Македонската медиумска организација поддржан од МАН.

Медиумите сега не се обврска поврзана директно со датумот за изборите, бидејќи партиски преговори официјално за оваа тема нема, но странските политичари постојано нагласуваат дека одблиску ги набљудуваат медиумските реформи и улогата на медиумите во осигурувањето на рамноправен терен за време на предизборието.

Иако седум дена се навидум краток период, од аспект на брзина на политичките случувања во Македонија има уште многу време, смета професорот Никола Дујовски, споменувајќи ги настаните ноќта на 24 февруари кога изборите се одложија.

„Собранието наместо да се грижи да обезбеди услови за фер и демократски натпревар на изборите разгледува предлози на закони за кои никој во стручната, па дури и во политичката јавност не мислел дека ќе ги разгледува на само пет или десет дена пред распуштањето, зборувам за предлогот за измени на Законот за кривична постапка. Има многу прашања кои треба да се завршат за да речеме дека сме подготвени за фер избори”, вели Дујовски.

Едно од тие прашања кои се смета за клучно и кое постојано се инсистира е прочистувањето на избирачкиот список. Теренската проверка е во тек и се очекува да заврши до крајот на неделава, така што пред распуштањето на Парламентот би требало да стане појасно што се случува со списокот.

Според аналитичарот Насер Зибери Собранието и нема сега обврски поврзани со изборите, бидејќи клучната – избирачкиот список е на Државната изборна комисија. Списокот за овие избори нема да постигне степен на доверба кај сите граѓани, како што се очекуваше според Договорот од Пржино, коментира Зибери.

„Сметам дека не се направи доволно ниту за двете други области и прашања, а тоа е јасната динстинкција и одвоеност на партијата и државата и секако медиумскиот простор остана недоуредена сфера. Не гледам некоја сериозна промена и поместување и исполнување на обврските од седницата со која се помести датумот за избори од 24 април на петти јуни до денес“, вели Зибери, кој нагласува дека сепак одлуката дали ќе има или не избори е чисто политичка.

Инаку за разлика од тензичната атмосфера која владееше пред собраниската седница на 24 февруари околу тоа дали треба да се одложат изборите, сега ситуацијата изгледа посмирено. Сепак дел аналитичари предупредуваат дека тоа само навидум е така и дека можноста за одложување на изборите повторно е отворена.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG