Достапни линкови

logo-print

Завршија исламистичките протести во Исламабад


Стотици радикални исламисти, кои протестираа пред пакистанскиот парламент во Исламабад, ги завршија демонстрациите, откако властите соопштија дека полицијата се спрема да ги разбие демонстрантите. Лидерите на протестите денеска рекоа дека е постигнат договор со владата и ги повикаа насобраните да се разотидат. Сепак, министерот за внатрешни работи Чаудри Нисар Али Хан рече дека владата не прифатила ниту едно барање на демонстрантите.

Повеќе од 10 илјади исламисти на 27 март излегоа на протести поради егзекуцијата на Мумтаз Кадри, кој беше осуден дека го убил секуларниот провинциски гувернер Салман Тасир, кој се противеше на строгите закони против богохулење. Демонстрантите бараат погубување на една затворена христијанка, која гувернерот ја бранеше од обвиненијата за богохулење, како и спроведување на шеријатското право во земјата.

Министерот за внатрешни работи синоќа ги предупреди демонстрантите дека владата ќе употреби сила ако не се тргнат од пред парламентот. Тој рече дека околу седум илјади владини сили чекаат наредба да го разбијат протестот.

XS
SM
MD
LG