Достапни линкови

Сообраќајниот хаос во Куманово тешко ќе се надмине


macedonia - Kumanovo, view.
macedonia - Kumanovo, view.

Бројот на сторените сообраќајни прекршочни и кривични дела минатата година е зголемен за три отсто. Граѓаните се револтирани и бараат надлежните институции да го решат проблемот.

Неодговорни возачи кои возат со неприлагодена брзина, неправилно паркирање на јавните површини, две години необележана хоризонтална и не секогаш вклучена и исправна вертикалната сообраќајна сигнализација на најфреквентните сообраќајници, изградени станбени комплекси без доволно паркинг простор, секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните во сообраќајот во Куманово. Граѓаните се револтирани поради оваа состојба, реагираат и советниците во Советот на Општината до полицијата и локалната администрација. Од Општината, пак, велат дека имаат обврска кон законските процедури.

„Да преземете што поитни мерки за хоризонтално и вертикално обележување на сите јавни прометни површини во нашата Општина. Прво тргнувајќи од пешачкиот премин што е пред зградата во која е седиштето на Општината Куманово. Срамно е бидејќи граѓаните не можат да ја преминат улицата поради немање пешачки премин токму тука. Светлосната сигнализација на едни исти раскрсници во континуитет не работи. Факт е и дека во Куманово се дивее со возила. Учесниците во сообраќајот не се одговорни, а нивната неодговорност доаѓа од една целокупна слика на сообраќајна анархија во градот“, забележа Максим Димитриевски претседател на Советот.

„Зошто не е обележана хоризонталната сигнализација нема оправдување. Вие споменавте за пред Општината, јас ќе додадам дека состојбата е таква и загрижувачка и пред училиштата“, вели Злата Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ.

А Драги Караџински од ГРОМ за пример го зеде Свети Николе каде што сите улици се обележани, за разлика од Куманово.

„А ние да немаме средства да ги обележиме премините на улиците, мислам дека е апсурдно да се зборува.“

Оваа и забелешките од советниците во иста насока, со додавање дека и не постојат називите на улиците, беше откако Игор Митевски раководителот на Полициската станица од општа надлежност во Куманово соопшти дека бројот на сторените сообраќајни прекршочни и кривични дела минатата година е зголемен за три отсто и дека тој податок не е за потценување.

Валентина Алексовска, секретар во локалната заедница, вели дека последните две години се прават усилби да се надмине тој проблем.

„Законот за јавни набавки последните две години се менува два-три пати, со тоа што самиот Закон направи дополнение дека Советот за јавни набавки треба да даде согласност пред да започне постапката за јавни набавки. “

Законската процедура трае долг период, смета Алексовска, но неминовно е да се работи според законските одредби.

Како и да е, сообраќајниот хаос во Куманово тешко дека наскоро ќе биде надминат, а безбедноста на учесниците во сообраќајот по се изгледа не била земена предвид од авторите на правните рамки, поради што граѓаните се револтирани.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG