Достапни линкови

Истекува времето за забелешките од Венецијанската комисија


Комисијата предложи измени во Закон за мораториум на „бомбите“ и Законот за заштита на укажувачите. Според познавачите препораките не се задолжителни, но промените би помогнале во градење на демократијата.

Пратениците и Владата имаат нешто повеќе од една недела до распуштањето на Собранието за да постапат според препораките на Венецијанската комисија, односно да предложат измени на Законите за заштита на приватноста, познат како Закон за мораториум на опозициските бомби и Законот за заштита на укажувачите или познати како свиркачи. Правните аналитичари велат дека препораките не се задолжителни, но кога се анализира материјата која се уредува со проблематичните закони и кога се анализира тешката политичка состојба тие треба да бидат прифатени како императив, што би значело интервенирање во законите.

Ниту законите, ниту Уставот не се ниту Библија, не се ниту Куран, така што секогаш се изложени на интервенции.

„Не само законите, туку и Уставот, новите што се донесени, кога има потреба се интервенира. Ако не направил некој пропуст во нивното донесување, секогаш е можно и потребно да се изврши усогласување. Ниту законите, ниту Уставот не се ниту Библија, не се ниту Куран, така што секогаш се изложени на интервенции“, вели професор Осман Кадриу.

Тој додава дека ако се направи усогласување со овие препораки тоа нема да биде во спротивност со пржинскиот договор, туку напротив ќе влијае на негово подобрување.

Овие два закона беа донесени пред речиси пет месеци во пакет со сите така наречени „закони од Пржино“ заедно со одлука за основање Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, измените на Законот за кривична постапка и измените за Законот за Влада.

Комисијата препорачува редефинирање и отстранување на некои недоследности во овие закони кои се однесуваат на јавниот интерес кој е повисоко општествено добро, односно попрецизно дефинирање на делот каде е очигледен ризикот од прикривање на кривични дела и нарушувања на човековите права и во делот на заштитата на информаторот.

Таквите измени на овие два закони би помогнале во градење на демократијата, во сознанието дека функционерите се под контрола на граѓаните, вели професор Мирјана Најчевска.

„Односно на сознанието на луѓето дека сите, апсолутно сите функционери се под контрола на граѓаните, дека не може тие да бидат неказниви, не може да се однесуваат на начин којшто претставува затскривање на одредени нивни делувања, значи демократичноста, достапноста на информациите на граѓаните, информираноста на граѓаните со цел градење и заземање на одреден став – тоа е она што може да се добие“, вели Најчевска.

Специјалната обвинителка Катица Јанева го повика Собранието и да ја преземе одговорноста и да покаже во пракса доследно почитување на европските стандарди во однос на последното мислење на венецијанската комисија. Таа во своето обраќање вчера ги цитираше препораките во кои е наведено дека „Законот за заштита на приватноста има легитимна цел, но не остварува соодветен баланс помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста“.

„Укажувањата на Венецијанската комисија се во таа насока, дека дури и приватноста да биде гарантирана, сепак постои јавен интерес кој секогаш превагнува и дека треба да се остави простор дури и кога се работи за одредени приватни разговори да се остави простор тие да бидат предмет на анализа и обработка, а се со цел, доколку е засегнат јавниот интерес да се постигне заштита на тоа повисоко добро“, изјави обвинителката од тимот на Јанева, Ленче Ристоска.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев неодамна предложил да има лидерска средба за ова прашање. Средба досега немаше. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш реагираа дека ги чекаат анализите за овие препораки на министерот за правда Аднан Јашари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG