Достапни линкови

Денови на (НОВА) македонска музика


Со „Звуците на Македонија“ од Живојин Глишиќ во изведба на ансамблот МАРТИН ПЕР-ЕКС, оваа среда, на 30 март, во 20 часот, во МОБ, свечено ќе бидат отворени 39-те Денови на македонска музика, манифестацијата што како организатор ја потпишува Сојузот на композиторите на Македонија и која во изминативе неколку децении стана еден од клучните фактори во презентацијата, афирмацијата и стимулирањето на домашното музичко творештво и исполнителство.

Триесет и три светски премиери и 14 македонски на дела од современите наши творци на дури 11 концерти ја чинат суштината на програмата на претстојното 39-то издание на фестивалот Денови на македонска музика. Манифестацијата што како организатор ја потпишува Сојузот на композиторите на Македонија и која во изминативе неколку децении стана еден од клучните фактори во презентацијата, афирмацијата и стимулирањето на домашното музичко творештво и исполнителство, овојпат ќе се одвива во периодот од 30 март до 14 април во Скопје.

Свеченото отворање е планирано да биде со проектот „Звуците на Македонија“ од Живојин Глишиќ, работено според традиционални напеви, во изведба на ансамблот МАРТИН ПЕР-ЕКС, дело кое премиерно беше претставено 2008 година на најголемата летна културна манифестација во земјава - Охридско лето. Потем следуваат рециталот на пијанистот Штефен Шлаермахер од Германија, Камерниот концерт ( 2 : 3), концертот на ансамблот КОНТЕМПОРА, па оној на гудачкиот квартет МИВОС од САД, на младите македонски композитори, перформансот на Дувачкиот квинтет на ансамблот СОНОРИС, вечерта посветена на акузматична музика, настапот на словенечкиот гитарист Нејц Кухар, заедничкото претставување на хорот ПРОАРС и Женскиот младински хор при МКЦ со кои што раководи маестро Сашо Татарчевски, за да кулминацијата биде сторена со Македонската филхармонија и посветата на 80-годишнината од раѓањето на композиторот Александар Џамбазов. Со ансамблот овојпат ќе раководи Саша Николовски Џумар, солист на пијано ќе биде Дино Имери, водител Игор Џамбазов, а како вокални солисти ќе настапат Андрија Јаневска, Биба Додева, Сашо Гигов Гиш , Наде Талевска, Игор Митровиќ и Александар Тарабунов.

„За целата програма е карактеристично што ќе се изведат дела создадени во последниве две години. Ми се чини дека како никогаш досега Фестивалот не донел толку нова музика. Секогаш сме имале измешана понуда, дела од различни периоди и различни автори, но овојпат поголемиот дел од нив се создадени 2014 или 2015 година и тоа е резултат на поттикот што го даде Конкурсот за откуп на нови музички дела на Министерството за култура што придонесе бројот на новосоздадени дела неколкукратно да се зголеми. А СОКОМ,пак, од друга страна има обврска поголемиот дел од нив да ги изведе. Тоа ми се чини е многу убава прилика да чуеме, да ги осознаеме, кои се нивните творечки преокупации, што е она што се случува во моментот кај македонските композитори“, вели Јана Андреевска, која заедно со колегата композитор Панде Шахов го чинат Уметничкиот одбор на Денови на македонска музика 2016.

Инаку, мнозина со нескриено љубопитство го очекуваат концертот на акузматична ( или ако милувате електро-акустична) музика што е предвидено да се одржи на 10 април во Планетариумот на Младинскиот културен центар во Скопје. На него ќе бидат изведени композиции на Влатко Георгиев, Дарија Андовска, Роберт Саздов, Никола Димушевски и турскиот композитор Мехмед Џан Озер, со што и натаму останува да „лебди“ идејата за „Фестивал во рамките на поголемиот фестивал“.

„Приказната со посебен фестивал во рамки на ДММ е следната. Ние планиравме такво нешто, но поради недостигот на средства, личен мотив или едноставно поради тоа што Саздов сега живее и работи во Германија работите останаа такви какви што се. Сепак, заедно со работилницата на Џан Озер, сево ова се претвора во еден мал интересен настан во чиј фокус е електронската музика кој за мене е на ниво на мини-фестивал“, појаснува Андреевска.

А, кога ги спомнуваме работилниците не смее да се заборави дека во рамките на 39-те Денови на македонска музика своето искуство со студентите, професионалците и со пошироката публика меѓу другите ќе го споделат членовите на гудачкиот квартет МИВОС, германскиот композитор и пијанист Штефен Шлаермахер и Словенецот Нејц Кухар. Присуството на последниве двајца на манифестацијата се обистинува во рамките на „Европски современи композитори“, проектчија главна цел е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии, нудејќи нови деловни модели и друго...и кој е замислен како интегрален дел од долгорочната платформа „Културни приказни“ на Деелегацијата на Европската унија и ЕУ Инфо центарот од Скопје.

„Тоа не се случајно одбрани композитори, туку гледаме тие да бидат и педагози, дури и изведувачи затоа што во денешно време композиторот не е само композитор туку и изведувач, многу често и менаџер, промотор на својата музика, понекогаш и нејзин снимател и што уште не“, појаснува Бранка Костиќ Марковиќ, раководител на проектот.

Конечно, влезот за сите концерти на 39-те Денови на македонска музика е слободен, а на финалниот концерт ќе бидат соопштени и добитниците на традиционалните награди „Трајко Прокопиев“ за животно дело, „Панче Пешев“ за најдобро дело премиерно изведено во текот на минатата година и „Ѓорѓи Божиков“ за најдобра изведба.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG