Достапни линкови

Рекорден број поплаки до Народниот правобранител


Расте бројот на поплаки за повреди на човековите права и слободи, а од друга страна се намалува бројот на прифатени интервенции. Омбдусманот вели дека Техничката влада оди на штета на граѓаните.

Најголем број на поплаки досега од граѓани биле поднесени кај Народниот правобранител во изминатата година, по што било постапено по 5.336 случаи. Биле констатирани 1.514 повреди на човековите права и слободи, што е за околу четири проценти повеќе од 2014 година, а во 1.238 случаи биле прифатени интервенциите на Народниот правобранител. Во годишниот извештај на Народниот правобранител е забележано дека расте бројот на поплаки за повреди на човековите права и слободи, а од друга страна се намалува бројот на прифатени интервенции.

Од кога е оваа техничка Влада за спроведување на изборите и од кога имаме двојни министри и заменици министри повеќе граѓаните се жалат, односно оди на штета на граѓаните, затоа што нивните политички препукувања автоматски им создаваат проблеми на граѓаните.

Презентирајќи го извештајот Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека тоа е загрижувачки показател за лошото функционирање на администрацијата, институциите и системот во целина. Институциите кои ја попречувале неговата работа, како што посочи Мемети се Министерството за здравство, за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, за образование и наука, како и Судовите и Јавното обвинителство. Според него, освен јавната критика и судот на граѓаните, Народниот правобранител нема друга можност да ги натера институциите да ги слушнат неговите препораки.

„Од една страна расте бројот, а од друга страна растат институциите кои не постапуваат. Овие се загрижувачки појави кои сите нас треба да не освестат“.

Тој додаде дека има перцепција оти институциите се повеќе се користат за спроведување политички агенди.

„Од кога е оваа техничка Влада за спроведување на изборите и од кога имаме двојни министри и заменици министри повеќе граѓаните се жалат, односно оди на штета на граѓаните, затоа што нивните политички препукувања автоматски им создаваат проблеми на граѓаните.“

Особена критика упати до министерот и заменик министерот на МВР, при што Мемети наведува дека не се неприфатливи нивните препукувања за тоа како работи институцијата.

„Граѓаните кои комуницираат со нас добиваат впечаток дека и едниот и другиот одработуваат партиска агенда. МВР не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ. МВР треба да е гарант за безбедноста во Република Македонија.“

Незаконското следење на комуникациите, полициската бруталност, бегалската криза, лошите услови во затворите, притисоци врз средношколците како и противзаконската наплата на радиодифузна такса и ретроактивното укинување на правото на социјална заштита се само дел од појавите на масовно прекршување на човековите права и слободи презентирани во извештајот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG