Достапни линкови

„Старицата од Калкута“ - врисок за успокојување на човекот


На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, в недела на 27. март, во 20 часот, на Светскиот ден на театарот, премиерно ќе биде изведена претставата „Старицата од Калкута“ работена според текстови од современиот израелски автор Ханок Левин, во режија на Софија Ристевска Петрушева.

По цели шест години од „Жени“ од Марија Станкова која доживеа 40 изведби, режисерката Софија Ристевска Петрушева, како своја јубилејна 30 претстава во досегашната кариера, на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, ја донесува „Старицата од Калкута“ од современиот израелски автор Ханок Левин. Премиерната изведба ќе се одржи на 27 март, Светскиот ден на театарот, а станува збор за проект кој се потпира на кратките раскази на Левин во кои тој пишува за апсурдот на човековото постоење во 21 век, притоа ставајќи посебен акцент врз современиот начин на живот, што е максимално парадоксален и станува сè потежок и покомплексен, благодарение на борбата за профит и финансиско издигнување, што го наметнува либералниот капитализам што целосно не опкружува.

Говорејќи за претставата, Софија Ристевска Петрушева знае да каже дека таа изобилува со ликови на „старици“, кои се симбол на неуспехот, самотијата и смртта што константно се околу нас. Вели дека желбата и стратегијата на ликовите да ги избегнат овие околности, всушност креираат комични и иронични ситуации, што оставаат призвук на безизлезот во којшто сите се наоѓаме. Појаснува дека во сцените што тие ги креирале стариците се главни генерали во кинеската Армија, дека тука е и волшебникот што ги сече луѓето на две половини но потоа никако не може да ги залепи, професорите коишто ги учат своите ученици дека земјата е рамна, медицинските прегледи на ректуми од коишто се раѓаат необични љубови, семејни кавги за банални несогласувања, касиер и контролор што спорат во телевизиска емисија чија професија е поважна...и така со ред.

„Основната порака што ја носи мојата претстава е дека денешниот човек , човекот од овој милениум е многу изморен од сè она што се случува околу нас. Изморен е од глобализацијата и не може повеќе да бега од правилата што ги наметнува овој суров начин на живот каде капитализмот е над човекот. Идејата е дека човекот неминовно има потреба од социјален контакт, од интимен контакт, од емоционален мир и сите ликови во претставата се многу осамени и очајно се обидуваат да направат било каков човечки контакт со другите ликови. Од таму „Старицата од Калкута“ израснува до еден силен врисок за успокојување на забрзаниот и несреќен човек на 21. век. Оној кој капитулирал пред суровите закони на капиталот, нема сили да бега константно од смртта, којшто еднаш засекогаш сака да ја победи самотијата и има потреба од мир, спокојство и евентуална емоционална хармонија“, вели режисерката.

Во „Старицата од Калкута“ играат Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Слободанка Чичевска, Славица Манаскова, Фаик Мефаилоски, Талија Настова и Жарко Спасовски.

„Секој актер кога започнува да гради еден лик тргнува од себе и од тоа како самиот би изреагирал во различни ситуации. Овде станува збор за малку погротескни ликови и затоа буквално нагазувавме до крај. Сето ова овде е издигнато на некое ниво, јас лично можеби и не би изреагирала вака во одредена ситуација, но сепак доколку би се нашла во позиција да бидам извадена од кожа би се однесувала веројатно како ликовите што ќе ги оживееме овојпат на сцената. Ова се осамени луѓе кои бегството го бараат во телефоните, интернетот, во медиумите...и практично никој со никого нема меѓучовечки однос. И во еден момент кога ќе се најдеме лице во лице со некого, кога ќе треба да проговориме, од нашите фрустрации и проблеми се впуштаме во разглобување на нешто што ништо не им значи на другите, што е апсолутно неважно, апсурдно...“, вели Манаскова, која по трет пат игра се појавува во еден театарски проект на Ристевска Петрушева.

Кон ова само уште информацијата дека сценографијата во „Старицата од Калкута“ е на Филип Коруновски, костимите ги направи Андреј Ѓорѓиевски, кореографијата и сценските движења се на Кире Миладиновски, а музички соработник е Сашко Костов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG