Достапни линкови

Херојска „Политика“ на Бернајс пропаганда


Со три однапред продадени промотивни концерти за албумот „Политика“, на 25, 26 и 27 март, во кино „Фросина“, во Младинскиот културен центар, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА рушејќи ги бариерите помеѓу „алтернативното“ и „комерцијалното“, горкото и питкото, со само ним својствената субверзивност и енергија израснуваат во предводници на актуелната и потентна домашна рок сцена чие време е овде и сега – во денешна, транзициска Република Македонија.

„Политика“, четвртиот албум на БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, е херојска плоча. Албум кој влегува во редот на најзначајните во историјата на македонскиот рокенрол. Дело што застанува рамо до рамо со остварувањата на бендови како ЛЕБ И СОЛ, МИЗАР, АРХАНГЕЛ, АНАСТАСИЈА ....и прва ГОЛЕМА објава на еден наш бенд во новиот (овој) милениум.

Во него не само што е бележито ехото на звуковноста на ритамот на сега далечните 1980-те и 1990-те, туку е собрана и сета мудрост што може да ја има еден вистински творец во времево на растегливи и над сè сомнителни вредности.

„Политика“ несомнено е и сведоштво за смелоста на неговите потписници Кристина Горовска, Васко Атанасоски, Дени Крстев, Саша Павловиќ .... да исчекорат од удобноста на сопствената „алтернативна“ (што и да значи тој збор) лагодност и да се втурнат во („електро“)авантура која можеше да резултира само со две нешта – да ја надраснат достигнатата позиција или да стават крај на сторијата.

Вака, со два веќе сигурни хита кои буквално ги разбуричкаа топ листите на (меинстрим) радио станиците во Македонија (како „Лажи ме“ и „Армија“), со уште неколку песни кои ве тераат да ја сторите потрагата во себе и да се обидете поинаку да го перцепирате светот околу себе. Со лирика која на виделина ја вади бескомпромисната промисла на една силна современа жена, нејзината моќ во играта од зборови пластично да го отслика современието ...оваа навидум питка, заводлива објава израснува во потентно субверзивна плоча. Во една од оние кои за инспирација го има дадениов простор и време ( почнува и завршува со македонската химна вкрстувана со електро-чалгаџиски напев и позајмени текстови од миговите на прогласувањето на независноста... ), но чија ( аудио-визуелна) универзалност се надвива над локалната рамка и ја сместува во едно од ретките изданија во денешнинава на кое можете да танцувате, да се радувате, да се преипитувате ...и наново и наново да му се навраќате. А, тоа е реткост.

Говорејќи за предисторијата на „Политика“, Васко Атанасоски знае да каже црвот за нејзиниот настанок им го пуштил нивниот пријател Марко Брецељ, оригиналниот пејач на БУЛДОЖЕР и еден од најзначајните словенечки кантавтори, промотер и продуцент, рокенрол првоборец. Вели дека во една прилика тој нему и на Тина им кажал дека се како „овошна карамела, наивна, розoва, убава...која едно време ја лижеш за да потем во моментот кога ќе сакаш да ја гризнеш гледаш дека ти ги сронила забите“. Тоа си го снимиле во главите и во миговите на себепреиспитување, на позицијата на бендот, персоналните промени...рекапитулацијата на деветте години од постоењето, токму тогаш кога заклучиле дека сите нешта што ги сториле вродиле со плод и дека не мора и натаму да се борат за она базичното внимание...и едноставно се запрашале што и како понатаму. Самиот ја зел улогата на „магаре или на трењер како чичко Дончо кога во 1987 година ја направи шампионската екипа на Вардар во поранешна Југославија“, Тина и натаму останала доминантна со нејзината појавност и интелект („...нешто што би го посакал да го има секој бенд...“), го повикале Дени Крстев од ФОНИЈА и се комплетирале со „уште еден старец“ - Фрешко, или Саша Павловиќ, некогашниот басист на САНС, промотер, издавач, радио-водител, новинар...

„Мунли рекордс“ прифатија да го издадат тој албум и бевме во една убава позиција. И, кога се прашавме како ќе се вика плочата...стално првин си ставаме име... се решивме за името „Политика“. Си рековме ајде да направиме деконструкција. Баш како „бубалици“ на факултет. Што е политика? Решивме да видиме, да разбереме што е ова што се случува во Македонија. Зошто моите внуци знаат повеќе политичари отколку ликови од цртани филмови. Ова за почеток. А да не зборуваме за поети и научници, сликари и музичари...за некој успешни луѓе кои произвеле некакво добро – дали е ајвар, ракија, дрвена столица...било што. И стигнавме до тоа дека политика значи организирано живеење. Тоа е тоа. Сите се политика. Некако како и секоја идеја сè се банализира и стигнуваме до тоа дека некои луѓе имаат монопол врз тоа. Се изместија работите. Одеднаш народниот слуга, државните службеници, оние кои што служат, се покажаа дека всушност и не служат туку дека поставија еден нов, робовски систем, нов либерализам, нов колонијализам што го дефинираа и многу светски научници, политиколози, социолози, лингвисти и т.н. ...Дојдовме до тоа дека сè е политички. Е сега бидејќи сè е претестостеронски, сè е машки...а политика е женско име, ајде да видиме што ќе сториме... повели Тина напиши текстови. И излезе – женска перспектива на организираното живеење. “

Васко потенцира дека поентата на целата плоча било да се стигне до индивидуата. Според него, ако граѓанката или граѓанинот е стожер на едно организирано живеење, односно на политиката, тогаш тие посакале да ја направат таа најобична деконструкција на нештата.

„Ние како условно кажано се уште млади луѓе осетивме дека работите излегуваат полека полека од шините и дека тоа е неубава ситуација кому никому не му одговара. Секое човечко битие инсистира на сигурност. На развивање. Е, сега можеме да должиме, што би рекол Џони Штулиќ „спики никад краја“ , еден неисцрпен извор на ситуации, физички закони и разно-разни психички состојби и економски ситуации, меѓутоа тука сме. Добро е што може да збориме за музика и за политика заедно, збориме за одговорност, за нормални работи и за идеи кои што сакаат да пукаат на далеку. Мене секогаш ме интересирала таа дисторзија на идеите. Тоа банализирање, акомодирање на гнев ...тактиките на раководење со масите и како бенд така си ја предизвикавме судбината. Си кажавме ајде да бидеме БЕРНАЈС ПРОПАГАНАДА. И поради тоа стигнавме да не дефинираат како активистички, граѓански бенд, револуционерен бенд, бунтовен бенд, панк бенд, пост-панк бенд, постмодернистички бенд, дадаистички бенд и т.н...Со времето ти станува јасно дека голем дел од тие работи дури и самите ги употребуваме во пропагандни цели. Дали е издавачот, дали е некое радио, самите...во моменти на слабост...ти останале непродадени плочите, не свириш концерти шест месеци – едноставно се обидуваш да комуницираш на тој начин. Малку вулгарно. Навредувачки. И кога нам тоа ни е својствено, си велам што прават овие што раководат со 60 милијарди долари. Ете затоа целава работа е врзана за она што сега ни се случува. Секој малку да помисли пред нешто да каже. Пред нешто да одговори. Во Македонија никој не умрел за јадење. Патлиџан, пиперка, сиренце...ќе има. Значи О.К. Да не се шиткаме евтино. Да не стануваме новите торбари. Да не стануваме новите „потурци“ во најнегативниот контекст на работите. Да бидеме тоа што сме. Па што било. Граѓани, жители на Република Македонија што е демократско општество, загарантирано со Устав...и тоа никој да не го заборави. Сè друго е слободен стил.“

Тој во продолжение појаснувајќи го пробивот на топ листите на комерцијалните радио станици во земјава истакнува дека го достигнале нивото каде не си го замислуваат светот туку дека се дел од светот. За нив битен момент: кога момчето станува маж, девојката жена, племето станува народ, какофонијата – музика итн. Промениле постава после американската турнеја, после добри рецензии во сериозни медиуми на то „инди“ поле... сериозни чинители од тоа поле, новинари од „Њу Мјузикл Експрес“, „Мелоди Мејкер“... и се нашле во позиција да ги прогласат за мртви. Свиреле еден т.н „повратнички концерт“ со нова постава и иако главни ѕвезди во МКЦ ...атмосферата им била како „кога одиш кај некој тешко болен“. Не за да му помогнеш туку да го видиш како ќе умре. Како Боб Дилан кога застанал крај креветот на Вуди Гарти...И кај нив проработил оној спортски инает. Си рекле: „Ај да не бидеме типични претставници на ова време и на ова тло!“ Чекај – зошто да се распаднеме?!“.

„Тоа е прашање што ни се поклопи со состојбата во општеството наше. Кога луѓето почнаа да зборат „...ќе се растури Македонија...“. Чекај зашто да се растури. Што сме ние кретени што овде живееме. Што е со луѓето што живееле овде 80 години. Глупи биле? И си рековме – не сме глупи. Имаме 9.000 пријатели на Фејсбук, досега сме продале 13.000 копии од нашата музика, сме отсвиреле 500 концерти на неколку континенти. Не сме глупи. Ајде да се бориме...Да не бидеме лузери. И се деси, тоа што се деси. Таа енергија влезе во плочата и остана таму документирана. Скопје е мал град и луѓето од својата бранша, музичките фанатици, сакале или не ќе се сретнат. Еднаш ме среќава Зоки од Антена 5 и ми вели „Васко, јас имам две плочи од БЕРНАЈС, но не можам да ве пуштам оти не се вклопувате во концептот на ова радио. Супер. Еден здрав однос. Јас можев да се налутам и да се однесувам панкерски. Ми беше криво зошто сите сакаат да ги пушташ на радио, ама...еве сега после четири албума нас не пуштија и таму. И доживеавме да имаме еден навистина голем, кросоувер хит...Сега излегува дека највртениот бенд во Скопје на најалтернативното радио Канал 103 и на најкомерцијалното Антена 5, со 800.000 пријатели на социјалните мрежи, е БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА...Калиопи е на 4 место, а ние петта недела сме први.“

Инаку, во однос на „гласноговорништвото“ Васко знае да каже дека може да го нарекуваат „уличар“, но дека не е толку невоспитан за да биде нечиј гласноговорник, затоа што ги почитува другите мислења. Вели дека секој има мозок и дека го користи штом стигнал до одредена возраст.

„Меѓутоа се согласувам и ја прифаќам таа одговорност, не само јас туку и целиот бенд, та дури и целата сцена ако тоа го направи ќе биде подобро за сите нас, да бидеме транспарентни. Тоа што го имаме на ум да го ставиме и на друм затоа што ние влегуваме во животите на тие што ја слушаат нашата музика и ајде да пуштиме и они преку нашиот став да влезат во нашите животи. Да бидеме достапни за коментари. Гласноговорниците не направиле ништо кога создале стадо, а ние како бенд, како анархисти – панкери, не сме направиле ништо кога некој што ја слуша нашата музика ме прашува за решение. Не сум јас Груевски или Заев па сега да ветувам. Не ни сакам. Кој за што учел, така? “

За претстојните концерти, Атанасовски забележува дека, како и во други прилики, тие и овојпат сериозно се подготвувале. Вели дека тоа е најдобриот тест. Дека тука те гледаат луѓе кои не си замислуваат каков си. Дека тоа не е подобно тло за манипулација оти тие луѓе те среќаваат катадневно, на улица, во автобус...

„Ние сме таков бенд. Типични жители на Македонија. Немаме пари, се снаоѓаме...Тоа е тоа. Чим сме останале – горе долу е О.К. ...Си ја работиме својата работа. Така те гледаат луѓето. Тие точно знаат кој си и што си. И сега, ние соработуваме со Русе Арсов со кого сме генерациски блиски и кој според нас е еден од најдобрите продуценти кај нас во Македонија. И таа интеракција помеѓу сите тие работи нас постојано не возбудувала. И тој ни вели сега ајде бидејќи сум длабоко во МОТ да ја побараме врската помеѓу уметностите. Да направиме настан. Како да сме во Њујорк. А јас сум таков, кога ќе ми каже некој таква работа сакам веднаш да јуришаме на титула. Подобро да умреме како такви отколку како мизерни креатури на кои ништо не им се допаѓа и ништо не им успева. И успеавме. Еве продаден е и третиот концерт. Одиме до крај. Следното е европска турнеја со малку посериозни промотери, но пак сме инди бенд, ние сме последните...Турнејата ќе трае еден месец и ќе свириме на локации кои што веќе ни се познати бидејќи во поголемите градови сме свиреле по неколку пати досега. После тоа се посветуваме на јубилејот - 10-годишнината од формирањето на бендот е некаде во февруари следната година. Ние сме стари анархисти, комуњари и веруваме во петогодишни планови...Договорено е ремикс издание токму за тој датум со еден бразилски лејбл, ќе има цеде а можеби и винил доколку успее тој да не прогура малку посилно на тој континент и сакаме да направиме еден поголем концерт по тој повод. Да викнеме малку повеќе алтернативни бендови, но ако може без спонзори. Тоа ни е целта. Можеби нешто ќе зезнеме, ама поштено си кажуваме дека одиме на титула. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG