Достапни линкови

logo-print

Во Тетово има многу невработени, но конфекциите тешко наоѓаат работници. Ниските плати во овој сектор и физичката работа го прават неатрактивен за невработените. Ниту учениците сакаат да се образуваат во оваа струка, а слободни места во фабриките има.

Тешката физичка работа и ниските плати се причините поради кои конфекциските фирми не можат да најдат работници и покрај големиот број невработени лица во тетовско. Конфекциите постојано објавуваат огласи за вработувања, но нема интерес кај оние кои бараат работа. Според Александар Кузмановски, од кадровскиот сектор на едно претпријатие, проблемот влече корени од затворањето на големите текстилни комбинати.

Вообичаено мнозинство од учениците што завршуваат смер конфекциски техничар се вработуваат во бутици, само до 10 проценти се вработуваат во Тетекс и во приватни мали фабрики.

„Потребата од работен кадар за конфекциски шивач е проблем години наназад. Од старите конфекции како што беа Тетекс и ЕДТКО се одли многу кадар, односно се затворија самите фирми и тој кадар беше стар, луѓето си заминаа во пензија, некои останаа технолошки вишок. А кај младите нема интерес за шивачи“, вели Кузмановски.

Во Тетово постои текстилен училиштен центар, од каде во минатото фабриките обезбедувале соодветен кадар. Сега само дел од учениците се вработуваат во текстилната индустрија, вели директорот Абаз Абази.

„Вообичаено мнозинство од учениците што завршуваат смер конфекциски техничар се вработуваат во бутици, само до 10 проценти се вработуваат во Тетекс и во приватни мали фабрики“, смета директорот.

Тоа што оваа работа бара повеќе часовен физички напор како и ниските плати се причина оваа струка да не е интересна за невработените, а ниту младите се одлучат да имаат вакво стручно образование, смета директорот.

„Карактеристично е што платата на тие нововработени е ниска е во споредба со другите гранки во индустријата и другите дејности и како фактор делувал негативно и при уписот на учениците и при пријавувањето за вработување на постоечки капацитети и објавените огласи“, вели Абази.

Кузмановски тврди дека во оваа гранка во иднина ќе има доволно работа.

„Точно дека беше драстично намалена, посебно 2008-2009 година кога беше економската рецесијата, тогаш навистина опадна многу. Меѓутоа се врати во рамките на нормала и фактички капацитетите што ги имаа фирмите сега се доволно исполнети, дури можеби и со мало проширување може да имаат работа“, смета тој.

Директорот на училиштето предупредува дека за да се задржат младите потребно е значајно подобрување на сите услови за работа.

„На младите им се дава ниска плата, пониска од тоа средно определена од страна на државата. А се знае дека младината има многу потреби. Ако се прави анкета сите кои го завршуваат овој смер имаат надеж дека ќе излезат од државата, за подобар живот, за подобра плата. На крај платата не е само мотивирачка туку е потребна за нормален живот, рече Абази.

Од вкупно 13 илјади невработени регистрирани во тетовско, најбројни се оние со основно и средно образование кои најмногу се вработуваат во конфекциските фирми.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG