Достапни линкови

logo-print

Избирачкиот список од првите избори се зголемил за речиси половина милион гласачи. Последните проверки резултираа со стотици илјади спорни гласачи. Нема објективен избирачки список без попис, а попис нема оти нема политичка волја.

За речиси половина милион гласачи е зголемен избирачкиот список од првите избори во 1990 година досега. Имено пред 26 години во земјава имало регистрирано околу 1.340 000 гласачи, а во последниот список, заклучен во декември лани, има речиси 1. 805 000 избирачи. Ако се споредат избирачките списоци по години, големо зголемување има меѓу изборите во 1994 година и 1998 година, односно за четири години списокот се зголемил за повеќе од 200.000 гласачи и стигнал до 1 573 000.

Бројот на избирачи континуирано расте и од тоа зголемување досега има плус повеќе од 230.000 избирачи во списокот.

Сега Државната изборна комисија ќе се обиде да го прочисти преку теренска и административна проверка. За првата почна со обука на осумдесетина контролори, вработени во подрачните одделенија на ДИК, кои ќе ги надгледуваат анкетарите што ќе ја спроведуваат теренската анкета. Според очекувањата од сабота треба да почне проверката од врата на врата за 89.383 лица која ќе ја спроведуваат вкупно 374 анкетари придружувани од претставници на четирите политички партии, а би требало да заврши за околу две недели. Паралелно административно ќе се проверуваат речиси 108.000 гласачи.

„Останува овие методи да се применат, но со една резерва која од страна и на експертите и на целокупната стручна јавност ја истакнува дека е прашање со овие методи со оглед на тоа дека и времето е мошне ограничено ќе имаме една фактичка слика, избирачки список кој ќе биде објективен и реален и ќе одговара на фактичката состојба во однос на бројот на бирачите што нашата држава ги има во овој момент“, вели професорот Осман Кадриу и нагласува дека недостига попис кој поради немањето на политичка волја и не се одржа. Податоците пак од двата пописа одржани досега во 1994 година и во 2002 година покажуваат дека населението во тој период од осум години се зголемило за 85.000, а во истиот период списокот пораснал за околу 303.000 гласачи.

„Сето тоа упатува на еден заклучок за жал дека ние нерегуларности сме имале од првите избори во нашата држава по осамостојувањето во 1990 година. Од тогаш па досега колку имавме изборни циклуси тие нерегуларности ни останаа како наследство“, вели Кадриу.

Ако се земат пак последниве десет години бројот на гласачи е зголемен за околу 63 000, а најголем бил на изборите во 2011 година. Потоа пред изборите во 2013 година следуваше единствено намалување за околу 77 000 но актуелниот список повторно е зголемен и пак е над милион и осумстотини гласачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG