Достапни линкови

logo-print

Централниот регистар е последната во низата институции кои откажаа соработка на СЈО, па мораше да интервенира и полицијата. Опструкциите со кои се соочува ова Обвинителство се резултат на крајната политизација на институциите во државата.

Специјалното јавно обвинителство уште еднаш се соочи со опструкции во својата работа и овој пат не наиде на соработка во Централниот регистар по што беше побарана и полициска интервенција. За очекување се опструкции од ваков вид велат експертите, според кои тие нема да запрат и во иднина. Ситуацијата во Централниот регистар денеска е мирна и нема присуство на полиција. Припадниците на единицата Алфи синоќа ги блокираа сите влезови на Централниот регистар откако по барање на Специјалното јавно обвинителство бил издаден судски налог за претрес на просториите на зградата. За време на акцијата истражителите на обвинителството успеале да дојдат до потребните документи. До акцијата дојде откако истражителите не наишле на соработка со дел од вработените во Централниот регистар. По дојава на еден од вработените во објектот дека има обид за изнесување на документација од Централниот регистар Специјалното јавно обвинителство побарало судски налог за асистенција од полицијата.

Тоа е доказ дека институциите функционираат по политички налог, а не по налог на примената на законот. За очекување беше дека СЈО ќе наиде на вакви опструкции.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека несоработката, одбивањето наредби и опструкциите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство се резултат на крајната политизација на институциите во државата.

„Тоа е доказ дека институциите функционираат по политички налог, а не по налог на примената на законот. За очекување беше дека СЈО ќе наиде на вакви опструкции, но се разбира дека тие ќе се обидат до крај да ја изведат постапката и фактот што вчера обезбедиле налог од надлежниот суд покажува дека сепак може да се заврши постапката.“

Зибери додава дека во иднина како што ќе се заострува политичката клима и ќе се прошири надлежноста и истрагите на Специјалното јавно обвинителство,реакцијата на институциите ќе биде уште поголема.

„Навистина ќе имаме случаи каде ќе има судир на интереси и каде што повисоките инстанци ќе треба да ги применат законските одредби, бидејќи одбивањето на соработка во истрагата за разоткривање на кривични дела исто така претставува кривично дело и тие луѓе еден ден може да одговараат од носителите на функции во тие институции, до вработените и извршителите.“

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги демантира информациите објавени во неколку медиуми, во врска со како што наведуваат, наводно спроведување на контра акција за вршење влијание врз вработените во Централниот регистар со цел да не се појавеле на работа. Според соопштението, ширењето такви шпекулации ја доведува во заблуда јавноста, која за секое постапување на јавните обвинителства е навремено и точно информирана.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG