Достапни линкови

Емотивните ликовни приказни на Бинчев


Петнаесет дела, масло на платно и акрил, ја чинат изложбата на слики „Емоции“ на уметницата Билјана Бинчев, што од 17 до 25 март, се одржува во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за нов циклус со кој таа по прв пат се претставува во родниот град, а потем постановката е планирано да го започне своето патешествие во уште неколку галерии во земјава.

Билјана Бинчев е млада уметница. Една од оние кои се решени себепотврдувањето, пробивот на домашната културна сцена да го сторат со својата примарна емоција и врутоците на позитивна енергија. Од таму нималку не чуди кога, на прва топка, ќе ви каже дека творештвото на еден автор тргнува од неговата духовна, душевна состојба. Дека таа е најбитна. Дека тоа се изворите на неговиот талент и генијалност. Она што во неа буди емоции и што таа мора да го пренесе на другите.

Тргнувајќи од тоа што јас сум жена, решена сум својата емотивна состојба да ја отсликам буквално во различни на моето расположение. Ова подразбира дека секое мое дело си има своја приказна и таа резултира за еден мој момент.

„Тргнувајќи од тоа што јас сум жена, решена сум својата емотивна состојба да ја отсликам буквално во различни на моето расположение. Ова подразбира дека секое мое дело си има своја приказна и таа резултира за еден мој момент. Она што јас длабоко го чувствувам. Дали станува збор за очај, за тага, за радост...за било што, сè се тоа различни моменти на мојата духовна состојба и едноставно имам потреба да го пренесам нештото“, вели Бинчев.

Таа дополнува дека нејзе не ја плаши ваквото емотивно разголување. Дека оној кој умее да ја разбере уметноста и чие мислење и е важно ќе знае да ја респектира нејзината потреба на начинот на кој решила да твори.

„Јас сум творец и создател. Го создавам она што го чувствувам и друго не ми е битно. Едноставно јас имам потреба тоа да го пренесам. Како буквално да се наоѓате сред една мисија која вие мора да ја завршите. Ќе ви недостига нешто ако тоа не е така. И немам никакви предрасуди околу истото. Жената отсекогаш била похрабра од мажот во искажувањето на нејзините емоции, размисли, ставови...но нејзе долго и било ускратено таквото право.“

Бинчев на својата трета самостојна изложба по прв пат го претставува новиот цилкус слики за кој знае да каже дека во нејзината сфера на интересирање ќе остане сè до одреден момент во кој ќе се обиде да извага дали е задоволна од сработеното и дали го достигнала она ниво што првично мислела дека ќе го постигне.

„Јас едноставно се уште не сум сита. Во однос на овој циклус го создадов моево актуелно творештво, но имам потреба се уште да истражувам и се уште да докажувам. Претпоставувам дека доволно ќе ми биде уште една изложба од овој циклус...И кога ќе се заситам од нештото веројатно би преминала на нова техника затоа што ги негувам сите техники и мојот темперамент го наведува тоа да морам да работам нешто друго наизменично. Тоа е момент што самата ќе го почувствувам. И тогаш ќе пресечам. Во тој случај би продолжила со некое вајарско дело каде повторно мој мотив и инспирација би била емоцијата.“

Инаку, Билјана Бинчев слика, ваја, едуцира во процесот на образование, работи фреско-живопис и конечно асистент му е на вајарот и професор Златан Трајков. Вели дека е „распространета насекаде и дека сето тоа ја храни“. Дека успех за неа е личното чувство колку го достигнала она што може и умее.

„Успешноста за мене претставува момент кога можете да направите многу повеќе од себе си и да изразите од она што мислите дека можете. Да ја надминете својата граница иако јас никогаш не сум задоволна од стореното и тоа е она што ме храни. Затоа и сум постојано во потрага по нешто повеќе. Е, сега дали успевам? Веројатно успевам, но како што ми велат пријателите „ти постојано трчаш“, да јас секога некаде брзам. Трчам од една обврска на друга, од едно творештво на друго ...но пак ќе кажам тоа е одраз на мојот дух, на моето создавање, на мојот темперамент...и кога имате одредена цел, при што голема улога имаат вашата психа и оптимизмот, неа ја постигнувате.“

Од фактографска страна, Бинчев има завршено Педагошки факултет во Битола, а подоцна и Факултет за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Јован Шумковски. Дипломирала 2014 година и добитник е на наградата за постигнат највисок просек и одлични резултати во студирањето. Досега самостојно се претставувала во Кавадарци и Неготино, а зад себе има и бројни групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУП и ДЛУМ.

По Прилеп, нејзината самостојна изложба „Емоции“ е планирано да ја види ликовната публика во Ресен, потоа онаа во Демир Капија и во Велес, за да првиот круг биде комплетиран со постановка во некоја од скопските галерии.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG