Достапни линкови

Иванов разговараше со Меркел за мигрантската криза


Претседателот Ѓорге Иванов денеска телефонски разговараше со германската канцеларка, при што разменија мислења околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на балканскиот коридор.

„Канцеларката Меркел изрази поддршка на борбата против илегална миграција и се согласи дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени. Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција“, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.

Тој ја информирал Меркел дека македонските безбедносни сили спровеле навремена, успешна и одговорна реакција без употреба на сила и побарал итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија.

Иванов повторно упатил покана до германската федерална гранична полиција да биде дел од полицискиот контингент на ЕУ на јужната и северната граница на Македонија.

„Воедно, македонскиот претседател ја истакна потребата од зголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Во разговорите биле разменети мислења околу можните решенија за мигрантите и бегалците кои во моментов се затекнати на територијата на Република Македонија и другите земји од Балканскиот коридор, како и за можностите за воспоставување на механизам за легална миграција помеѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан.

XS
SM
MD
LG