Достапни линкови

Каменоломот ги исплаши битолчани


Советниците во Општината бараат информација кој го гради рудникот и кој дал дозвола, а екологистите дали фирмата има еколошка дозвола.

Не стивнуваат реакциите околу каменоломот што се гради над Битола во месноста викана Билбил Камен веднаш над обиколницата во близина на населбата Довлеџик. Советниците бараат информација кој го гради рудникот и кој дал дозвола, а екологистите дали фирмата има еколошка дозвола.

„Согласно правилникот за добивање Б-интегрирана еколошка дозвола општината ја има целосната надлежност по тоа прашање. Информациите кои ги добивме велат дека до денес никој не доставил барање за доделување на ваква дозвола. Според член 127 од Законот за заштита на животната средина, дозволата на работа на ваков субјект не смее да биде дадена без претходно издадена Б интегрирана еколошка дозвола“, изјави Илија Балтовски од здружението „За нас се работи“.

За нив е спорно и пробивањето на патот кој води до каменоломот.

„За нас постојат и дополнителни нејасностии околу постапката за изградба на пристапниот пат од магистралниот пат Ресен-Прилеп до локацијата предвидена за ископ. Согласно законот корисникот за тоа треба да обезбеди одобрение во чиј прилог се доставувааат повеќе документи, и тоа согласност за пробивање на пат до МВР и решение за утврден режим на собраќај. До општината се обративме уште на 13.10 2015 година за да добиеме информација околу тековните градежни активности на посочената локација и добивме одговор дека дотогаш никој не доставил барање за изведување на градежни активности во тој дел, вели Балтовски.

Дури и советниците од власта побараа подетални информации за тоа дали е испочитувана законската процедура.

„Поднесов писмено барање до Секторот за екологија до Општина Битола да бидам информирана кој копа таму, дали има дозвола, кој ја издал дозволата, дали има изработено елаборат за влијанието врз животната средина? Очекувам одговори“, изјави Олга Лозановска, советник од ВМРО- ДПМНЕ.

Од опозицијата бараа општината времено да ја запре градбата на каменоломот додека не се добијат информации колку ќе загадува.

„Каменоломот се прави со дозвола за експлоатација и договор за концесија издадени од Министерството за економија. Концесијата е издадена во траење од 30 години. Овој рудник е во непосредна близина на населбите Довлеџик и Брусничка населба и треба да се знае како ќе влијае врз зголемувањето на бројката на заболени од респираторни заболувања. Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, а со отворањето на овој каменолом постои опасност загадувањето дополнително да се зголеми“, изјави Горан Козаров, советник од СДСМ.

Претседателката на Советот, Силвана Анѓелевска, изјави дека немаат надлежност да ја стопираат градбата, а од Општина Битола изјавија каменоломот не е во нивна надлежност.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG