Достапни линкови

Обама се сретна со Раул Кастро


Американскиот претседател Барак Обама се сретна со неговиот кубански колега Раул Кастро за време на неговата историска посета на Куба. Ова е прва посета на еден американски претседател на Куба во последните 88 години и на неа се гледа како чекор кон подобрување на односите меѓу двете земји кои беа затегнати по револуцијата на поранешниот претседател Фидел Кастро од 1959 година. Претседател Раул Кастро е помлад брат на Фидел.

Посетата доаѓа 15 месеци откако Обама одлучи да ја промени повеќе од половина век старата политика на САД кон Куба и двете земји почнаа да ги нормализираат односите.

На аеродромот во Хавана, Обама беше пречекан од министерот за надворешни работи Бруно Родригез Париља. Американскиот претседател на почетокот се сретна со вработените во ново отворената американска амбасада во Хавана. По средбата, Обама и неговото семејство прошетаа низ стариот дел на Хавана и покрај силниот дожд.

Американскиот претседател требаше да се сретне со група кубански дисиденти, но вчерашниот протест на дисидентите во Хавана беше разбиен неколку часа пред пристигнувањето на Обама, а околу 50 учесници беа уапсени.

По телефонскиот разговор меѓу претседателите на САД и на Куба во декември 2014 година, Хавана и Вашингтон ги обновија дипломатските односи, потпишаа телекомуникациски договори и се согласија за воведување авионски линии. Сепак, главните разлики меѓу двете земји остануваат, како и 54-годишното американско ембарго против Куба.

XS
SM
MD
LG