Достапни линкови

logo-print

Јасна порака - балканската мигрантска рута е затворена


Ниту една држава не може сама да го носи товарот од мигрантската криза, рече претседателот Иванов на конференцијата за бегалци во МАНУ. Тој рече дека треба да се испрати јасна порака до мигрантите дека коридорите се затворени.

Требаше да поминат еден милион бегалци низ нашата територија за да се сфати значењето на балканскиот коридор во Европа, односно Европа градејќи се внатре заборави да се брани надвор, порача претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање на конференцијата за стратешката и геополитичка позиција на Македонија во мигрантската и бегалска криза која се одржа во Академијата на науките и уметностите. Според него се додека постојат економски раздвижувања, безбедносни ризици и конфликти Македонија ќе биде изложена на мигрантската криза, бидејќи откако се регулирала границата се појавиле пет нови коридори. Тој посочи дека шверцерите на мигранти ги користат коридорите на шверцерите на дрога.

„Имајќи предвид од интервјуата кои нашите служби ги правеа на границите 90 проценти од сите мигранти кои поминаа низ територијата на Македонија користеле услуги од криминални групи. Според последниот извештај на Еуропол профитот е 6 милијарди евра во минатата година, кои ги заработиле криминалните структури со тоа што им нудат услуги на мигрантите да се движат кон Европа. Тоа ја отвара темата дека освен геополитика и геостратегија треба да разговараме и за геопрофит“, вели Иванов.

Тој додава дека на меѓународен план процесот на донесување одлуки е многу бавен, а кризата ја злоупотребуваат сите актери кои имаат интерес да слабее Европската унија. Во однос на решенијата Иванов рече дека најпрвин е неопходно да се испрати јасна порака до земјите на потекло на мигрантите и бегалците дека коридорите се затворени, а тоа го покажува и договорот меѓу Унијата и Турција. Непоходно е создавање на услови за мир, стабилност и економски развој на земјите на потекло, а европските земји да применуваат одржливи политики за интеграција.

„Клучот на успешно менаџирање на мигрантската криза е кај транзитните земји. Мора да си научиме да си веруваме да ги имплементираме договорите и да примениме заеднички пристап во борбата против нелегалната миграција, бидејќи ниту една држава не може сама да го носи товарот од мигрантската криза.“

Мигрантската криза, како што наведе Иванов е можност за враќање на чувството на државност кај политичките партии во Македонија и од власта и опозицијата, кои не треба да ја злоупотребуваат кризата за тесно партиски интереси и освојување поени во предизборниот период.

Акадамик Владо Камбовски рече дека Македонија не смее да остане изолирана и без стратешки партнери и со влошени односи со соседите.

„Имајќи ги предвид стратешките определби на земјите од ЕУ и од регионот, како и актуелната состојба на затворање на балканската рута може да се предвиди дека ситуацијата дополнително ќе се усложнува комплицирајќи ги политичките односи меѓу соседните држави, при што ќе се зголемува товарот и притисокот кон Република Македонија“.

Според него, подеднакво е важна и одбраната на позицијата на Македонија како клучен фактор на мирот и стабилноста на Балканот, при што е потребна внатрешна стабилност преку изградба на демократска и правна држава со владеење на правото.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG