Достапни линкови

Започнува примената на договорот ЕУ - Турција


Лезбос
Лезбос

Од неделата на полноќ започна спроведувањето на договорот меѓу Турција и ЕУ за враќање во Турција на сите илегални емигранти кои влегле во Грција од таа земја. За возврат, ЕУ за секој мигрант, чие враќање ќе го прифати Турција, ќе даде азил за сириски бегалец кои се наоѓа на турска територија.

Непосредно пред стапувањето во сила на овој договор, преку Егејско Море во Грција влегоа околу 1.500 бегалци, двојно повеќе од вообичаеното. Турските медиуми објавија дека четиримесечно бебе загинало кога брод со бегалци се превртел.

Во меѓувреме, според грчките власти, Атина не беше во можност уште вчера да започне со враќање на бегалците во Турција. Париз и Берлин, пак, од своја страна, најавија готовност да испратат експерти во Грција. Станува збор за 600 полициски службеници и експерти за азил во Грција, бидејќи Атина ќе биде на „линијата на фронтот“ за враќањето на бегалците согласно договорот меѓу Европската унија и Турција.

Франција и Германија, исто така, најавија готовност да испратат дополнителни 200 полицајци за да и се помогне на Агенцијата на ЕУ за контрола на надворешните граници - „Фронтекс“, како и 100 експерти како помош на Европската згенција за азил. Според грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, околу 2.300 безбедносни и правни експерти треба да пристигнат во Грција за да и помогнат на земјата за примената на овој договор.

Како што е познато, лидерите на ЕУ и турскиот премиер Ахмет Давутоглу во петокот постигнаа договор да се запре приливот на илегалната миграција договор кој влезе во сила на полноќ. Според овој договор, сите илегални мигранти кои доаѓаат во Грција од Турција треба да се вратат на турска територија .

Организациите за човекови права во целиот свет го критикуваа овој договор. Илјадници луѓе протестираа против расистички ставови за бегалци во Лондон, Атина, Барселона, Амстердам и Женева. Во Грција, моментално има 47.500 бегалци, во кампот Идомени на границата со Македонија се уште има над 10.000 бегалци.

Турција, со договорот со ЕУ добива значителна политичка корист како забрзување на преговорите за пристапување вои Унијата, безвизен режим со ЕУ во јуни оваа година и финансиската помош од три милијарди евра за бегалците.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG