Достапни линкови

Почина актерот Ацо Јовановски


На 86 годишна возраст синоќа во Скопје почина актерот Ацо Јовановски (1930 – 2016), бард на македонското глумиште. Јовановски стана дел од првата генерација дипломирани актери, чија театарска кариера започнува веднаш по дипломирањето во 1952 година во Македонскиот народен театар. По 13 години поминати таму и по скопскиот земјотрес, тој е еден од малубројната група која преминува од МНТ, формирајќи го Драмскиот театар, каде ќе го помине остатокот од долгата и плодна театарска кариера до неговото пензионирање.

Публиката ќе го памети по улогата на Досе во „Бегалка“, која станува една од неговите заштитни улоги. Следуваат „Долго патување во ноќта“, каде ја играше улогата на Едмонд, беше Принцот во „Пепелашка“, Турчинот во „Манде“, Третљов во „Галеб“…

Јованоски играше и во над 60 филмови во поранешна Југославија и во Македонија. Филмската кариера ја започнува како Климе, со улогата во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. По него следуваат „Мирно лето“, „Црно семе“, „Жед“, „Македонски дел од пеколот“, „Селска буна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Ангели на отпад“, како и многу ТВ филмови и серии како „Јагне на ражен“, „Илинден“, „Волшебното самарче“,„Претежно ведро“, „Трето доба“, „Погрешно време“...

XS
SM
MD
LG