Достапни линкови

logo-print

Уапсен Салех Абделслам, осомничен за нападите во Париз


Еден од главните осомничени за нападите во Париз во ноември минатата година, Салех Абделслам, е уапсен во полициската акција што попладнево се спроведува во населбата Моленбек во Брисел, јавуваат белгиски и француски медиуми, повикувајќи се на полициски извори. Полицијата сè уште официјално не ја потврди оваа информација. Полициски извори претходно соопштија дека во акцијата има ранети, но нема јасна информација дали меѓу ранетите е и Абделслам.

Белгиските обвинители претходно соопштија дека отпечатоци на осомничениот Абделслам биле пронајдени во стан во Брисел во кој полицијата минатата недела изврши рација. Државната белгиска телевизија денеска објави дека „е повеќе од веројатно“ дека 26-годинишниот Абделслам избегал од станот за време на рацијата во населбата Форест во јужен Брисел на 15 март. Осомничениот е француски државјанин роден во Брисел. Се верува дека тој ја одиграл клучната логистичка улога во нападите во Париз во кои беа убиени 130 луѓе.

Еден алжирски државјанин осомничен за поврзаност со Исламската држава тогаш беше убиен во рацијата во Брисел. Инспекторите во станот пронашле знаме на Исламската држава и големо количество муниција.

XS
SM
MD
LG