Достапни линкови

Кампањата „БУДЕЊЕ“ со порака - Различноста е убава


на 21 март, на Денот на пролетта и Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, ќе започне кампањата „Будење“ организирана и поддржана од Здружението за помош и поддршка на лица со Дауов синдром „Вера“и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби. Во нејзини рамки во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, ќе биде отворена и изложба на уметничка фотографија.

Сите деца имаат свои соништа и желби, а начинот на кој ги остваруваат ги дефинира како личности. Како родители и луѓе кои се дел од ова општество, мораме да им дадеме доволно простор за да се изразат, да ги поддржиме во нивните мали подвизи и да им покажеме дека не постојат граници, дека можат да бидат сѐ што ќе посакаат! Но, кога ограничувањата доаѓаат во форма на попреченост, тогаш сликата ја боиме со малку поинакви бои, а работите добиваат поинаков контекст.

Идејата беше да покажеме дека овие деца се тука меѓу нас, дека постојат и дека треба да ги уживаат истите права како сите. Дека и тие се луѓе и дека треба да бидат прифатени, инклузирани и да ги уживаат сите права.

Без разлика дали попреченоста е вродена или стекната, очигледна или невидлива, секојдневието на овие деца е малку поинакво. Тие на поинаков начин ги остваруваат своите соништа. И тоа не ги спречува да сонуваат, напротив! Нивната посебност се состои во нивните способности, не во пречката во развој. Да го започнеме ова „БУДЕЊЕ“заедно! Различноста е убава!

Ова ќе биде запишано во поканата за учество во кампањата „Будење“, која е планирано да започне овој понеделник, на 21 март - првиот ден на пролетта и Светскиот ден на лицата со Даунов синдром. Нејзината цел е со будењето на природата да се разбуди и свеста кај луѓетода живеат во едно подобро, пофункционално и похумано општество.

„Идејата беше да покажеме дека овие деца се тука меѓу нас, дека постојат и дека треба да ги уживаат истите права како сите. Дека и тие се луѓе и дека треба да бидат прифатени, инклузирани и да ги уживаат сите права“, вели Анче Туфекчиева, мајка на девојче со Даунов синдром, основач и член на Здружението „Вера“ од Струмица – здружение за помош и поддршка на лица со пречки во развој.

Во рамките на оваа кампања, на 21 март, во 19.30 часот, во Центарот за културата „Антон Панов“ во Струмица, ќе биде отворена и изложба на уметничка фотографија што ја осмислија и подготвија Ирена Мила и Елена Фидановска и илустраторката Верица Пиперевска, прва од овој вид во земјава и воопшто на Стариот континент.

Фотографката и активистка Ирена Мила, знае да каже, дека со Туфекчиева се познавале само од социјалните мрежи, но дека тие заеднички решиле да направат нешто со што ќе допрат до оваа група на луѓе и дечиња со пречки во развој кои се уште се дискриминирани и маргинализирани во општеството. Да ги покажат позитивните работи.

„Сакавме да ги покажеме нивната енергија и нивната способност. Затоа седнавме со колешката Елена Фидановска и направивме концепт со тоа што прво ги дознавме нивните желби. Следуваше сесијата на која снимивме фотографии базирани на таквите сознанија и потоа ги доцртавме. На нив интервенираше илустраторката Верица Пиперевска. На пример, кој сакаше да учи му нацртавме книги околу него. Од друга страна Верче, ќеркичката на Анче, сакаше да фотографира и да црта и затоа нејзината фотографија што на еден начин стана заштитен знак на кампањата е целата во среќа. На неа таа лежи и држи во рацете четка и бои. Инаку во паркот беше многу интересно затоа што имаше многу позитивна, чиста енергија и најмногу љубов. Немавме воопшто проблем со никого да работиме и сакавме да покажеме една голема вистина. Луѓето со Даунов синдром немаат долг век на живеење, меѓутоа доколку тие се негувани, интегрирани, им се посветува доволно внимание ...нивниот животен век трае многу подолго. Ние имавме за модел и жена на свои 65 години која си живее со Даунов синдром и која е прекрасна, прекрасна личност. Таа ужива во секој момент од животот, во цвеќињата, во прошетките. Ни беше пример како треба да се посветува внимание на таквите личности“,вели Мила.

А, мајката храброст, пак, дополнува дека таа жена е од струмичко Ново Село и дека е најстара личност со Даунов синдром во Република Македонија. Дополнува дека токму фотографиите се сведоштво за среќата и љубовта што овие деца, овие личности ги чувствуваат.

„Преку оваа фотосесија и преку оваа изложба што ја нарековме „Будење“ сакаме да ги разбудиме сите. Да ја разбудиме пошироката јавност за конечно да разбере дека тие деца, тие луѓе се тука меѓу нас. Со свои соништа, желби и потреби. Единственото што им недостига е нашето внимание и прифаќање.“

Со оглед на тоа дека фотосесијата опфати главно лица со Даунов синдром на различна возраст од Струмица, Радовиш и Ново Село, отворањето на изложбата е планирано да се случи во Центарот за култура „Антон Панов“. Потем, согласно финансиската поддршка ( сега за сега таа единствено се потпира на локалната самоуправа од Градот по Цареви Кули), караванот треба да продолжи во околните градови – Радовиш, Неготино, Гевгелија, па да тргне кон Битола, Охрид, Гостивар и да финишира во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG