Достапни линкови

logo-print

Мартиновски и Христова со „Морска молитва“ во „Кармина Балканика“


„Морска молитва“ е насловена песната на Владимир Мартиновски, што во изведба на Елена Христова, се најде на колективното музичко-поетското дело „Кармина Балканика“. Станува збор за проект инициран од композиторот и диригент Валтер Сивилоти и италијанскиот фестивал Мителфест, за чие последно издание инспирација беше водата.

Водо води ме, далга стори ме

Леко носи ме кај што бистро е

Истркалај ме, препороди ме

Водо води ме кај што тивко е

Во договор со организаторите дури направив и композиција, го вклопив текстот со мелодијата, и потоа аранжманот го стокми Сивиоти. Посебно ми е драго што Елена Христова се нафати да ја испее песната.

Вака Елена Христова, придружувана од големиот оркестар и хорот, под диригенската палка на маестро Валтер Сивиоти, низ сопственото изведувачко јас ќе ги помине преубавите стихови на Владимир Мартиновски. И ќе се роди песна. Авторска, но чиниш речиси спремна за обнародување. Една од оние што ќе ти ја стопли душата и што може да те натера да се чувствуваш како да ја снемало грдотијата на светот околу тебе, а останале да царуваат само поезијата и музиката.

И, во предисторијата за нејзиниот настанок треба да биде познато дека Мартиновски ја напишал специјално за колективното дело „Кармина Балканика“. За проектот за чие последно издание инспирација била водата како примордијален елемент и за кој, на покана на Сивилоти и италијанскиот Мителфест, компонираа и пишуваа творби Едуардо Де Ангелис, Луиџи Маиерон и Лосрис Сесково од Италија, легендарниот Арсен Дедиќ од Хрватска, Дамир Имамовиќ и Маја Сар од Босна и Херцеговина, словенечкиот кантавтор Владо Креслин и нашиот Владимир Мартиновски. Згора на тоа, во рамки на делото, беа изведени и поетски творби од Ениса Буковиќ, Дорта Јагиќ, Зулијана Јорганџи, Драган Јовановиќ Данилов, а во изведбите на песните учествуваа мнозина реномирани интерпретатори како Тоска, Луиџи Маиерон и Лорис Весково од Италија, Дорина Лека од Албанија, Тања Михељ од Словенија и Елена Христова, пејачката на БАКЛАВА, БИОСКОПИЈА (заедничкиот проект со Горан Трајковски) и на турската група БАБА ЗУЛА.

Говорејќи за проектот, Мартиновски вели дека на него се нашол благодарение на препораката од колешката од катедрата по италијанистика – Руска Иванова Наскова. Дополнува дека поканата стигнала токму во моментот на објавувањето на неговата стихозбирка „Вистинска вода“ во која има еден поголем циклус на песни поврзани со водата.

„И покрај тоа што имав триесеттина песни поврзани со водата, направив една сосема нова. Во договор со организаторите дури направив и композиција, го вклопив текстот со мелодијата, и потоа аранжманот го стокми Сивиоти. Посебно ми е драго што Елена Христова се нафати да ја испее песната специјално за премиерата на овој проект“, вели Мартиновски.

Тој појаснува дека, за жал, не бил во можност да присуствува на изведбата во јули минатата година, но дека сега од ДВД-то видел оти имало навистина убави композиции, а најмногу се воодушевил од тоа како носителите на проектот успеале да направат од „Кармина Балканика“ една убава целина сочинета од различни стилови и авторски посебности.

„Се чувствува нешто што ја довикува заедничката музичка традиција која ги проткајува сите песни. Има некој медитерански звук, некој балкански ритам и нешто што навистина воодушевува вака кога ќе се отслуша, одгледа, целото дело. И, се разбира, врвна е изведбата. Станува збор за извонреден оркестар, тука е хорската придружба, а посебно пленат прелевањата од поезија во музика, од песна за пеење и песна за рецитирање, моќните солисти. Многу убаво е направено“, вели тој.

Христова, пак, вели дека пред сè би сакала да му се заблагодари на својот пријател, музички собеседник и кантавтор Владимир Мартиновски за неговата „Морска молитва“. Истакнува дека заедно со неа биле „дел од една преубава приказна посветена на водата“. Дека музичко-поетското дело „Кармина Балканика“ неодамна добило траен запис и дека гледајќи го се вратила на улиците и на малите плоштади на автентичното гратче Чивидади Дел Фруили, односно на отворањето на последниот Митлфест.

„Целиот овој настан беше едно од најубавите искуства што сум ги имала, бидејќи да споделуваш со врвни пејачки, композиторски и поетски имиња од Балканот, односно да слушаш мелодии кои те враќаат во 1970-те и 1980-те години и тогашните фестивали во поранешна Југославија, како и на светски познатиот Сан Ремо, беше едно прекрасно откровение, бидејќи таа квалитетна поп музика навистина тешко можеш да ја сретнеш некаде. И сето ова преточено во неверојатните, моќни и драматични аранжмани на Валтер Сивилоти, заедно со многубројниот хор и оркестар е навистина едно возвишено чувство. Згора на тоа дружбата со врвни пејачи и прекрасни личности од Босна и Херцеговина, Италија и од Албанија за мене исто така беше драгоцена бидејќи повеќе сум во друштво на инструменталисти отколку на вокални интерпретатори“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека Христова и момците од БАКЛАВА деновиве ги завршуваат материјалите за својот нов студиски албум чие обелоденување треба да се случи наскоро, тука е нивното учество во филмот „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, та и проектите за кои певицата вели дека е рано да се зборува.

Мартиновски, пак, од своја страна, знае да каже дека реакциите на неговата „Морска молитва“ го охрабруваат и натаму да истражува на полето на современата звучност каде и досега бил присутен (ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ ОРКЕСТАР, БАКЛАВА...). Тој вели дека има повеќе музички скици кои ќе се обиде да ги проткае со поезија и „можеби од сето тоа би испаднал еден нов (кант)авторски проект што би и бил понуден на увид на јавноста“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG