Достапни линкови

Иванов информирал европски и регионални лидери за мигрантска криза


Во согласност со заклучокот од последната седница на Советот за безбедност, претседателот Ѓорге Иванов вчера и денеска телефонски разговарал со европски политичари и лидери на земјите од балканската мигрантска рута, за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи пред три дена на јужната гранична линија.

Кабинетот информира дека Иванов телефонски разговарал со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со министерот за надворешни работи на Холандија и претседавач со Европскиот совет, Берт Коендерс, со претседателите на Србија и Хрватска, Томислав Николиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ и со премиерите на Словенија, Чешка, Австрија и Полска - Миро Церар, Бохуслав Соботка, Вернер Фајман и Беата Шидло.

Македонскиот претседател побарал итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Македонија.

Во телефонските разговори претседателот Иванов побарал политичка поддршка од Европската унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со криза за да се намалат безбедносните ризици и да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побарал пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор.

XS
SM
MD
LG