Достапни линкови

Претседателот не може сите да ги помилува


Претседателот може да помилува и аболицира дело по дело, но не може да ги ослободи сите обвинети или осомничени за изборен криминал одеднаш. Тоа може да го направи само Собранието, ако донесе таков закон.

Претседателот нема да се дрзне веднаш да помилува сè во ова време невреме, кога се одлучува за тешки кривични дела кои предизвикаа криза во државата и кога има засилен меѓународен притисок, се надеваат запрашаните правни аналитичари за тоа дали претседателот Ѓорѓе Иванов веднаш ќе може да ги ослободи од кривично гонење осомничените во „Титаник“, но и други осомничени што ќе произлезат од случаите што се под палка на СЈО, како од прислушувањето, така и Пуч и други случаи.

Претседателот не верувам дека ќе почне толку не смислено тоа да го применува, оти се знае дека наглата примена или да ги помилува сите овие, сега во моментов се со изборниот криминал, утре, друг ден други кривични дела, ако нагло почне да го применува тоа значи да го разруши целиот уставен систем, да ја сруши целата смисла на институцијата помилување.

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски вели дека оние што мислат дека се спасиле во оваа фаза или што очекуваат да се спасат, пред сè осомничените за изборен криминал, овој закон нема ги спаси. Дотолку повеќе, додава тој, што не направиле само едно дело, туку десетина. Ивановски објаснува дека претседателот може да помилува за едно дело, не може за сите кривични дела, оти ако го прави тоа, ниту претседателот е претседател, ниту системот е систем, вели тој.

„Претседателот не верувам дека ќе почне толку несмислено тоа да го применува, оти се знае дека наглата примена или да ги помилува сите овие, сега во моментов се со изборниот криминал, утре, друг ден други кривични дела, ако нагло почне да го применува, тоа значи да го разруши целиот уставен систем, да ја сруши целата смисла на институцијата помилување, тоа значи рушење на поредокот, Ако вие секој криминалец однапред го помилувате - го стимулирате не само него, туку ги стимулирате и другите да вршат такви кривични дела“, вели Ивановски.

Тој вели дека претседателот не може да ги амнестира осомничените и осудените, оти тоа не се врши од страна на претседателот, туку тоа може да го направи Собранието преку носење на закон и таму може да се донесе такво колективно амнестирање, но тоа обично се прави после воени или некои други кризи.

Професор Осман Кадриу вели дека многу внимателно треба да се води сметка како ќе се примени оваа одредба, но додава дека претседателот не се стекнува со апсолутно право за помилување.

„Тој за секој акт на помилување треба да има оправдани и образложени причини, а кога станува збор за помилување, посебно на овие кривични дела, секогаш се поаѓа од една важна определба, а тој критериум, тој услов за претседателот на државата кој врши помилување, а тоа е да се цели општествениот интерес“, вели тој.

Од Кабинетот на претседателот велат дека претседателот Иванов, како и досега, така и во иднина, во извршување на оваа негова уставна ингеренција, ќе се води исклучиво според законите, односно одлуките за помилување ќе ги носи согласно постапката и одредбите од Законот за помилување.

Одлуката предвидува претседателот да може да помилува поединечно лице од гонење, потполно или делумно да го ослободи од извршување на казната или, пак, може да му ја намали казната. Но, тоа не значи дека ќе биде помилуван секој сторител на овие кривични дела, туку дека претседателот индивидуално ќе одлучува.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG