Достапни линкови

logo-print

Медиумите малку третираат сериозни еколошки проблеми


Со проект за еколошкото истражувачко новинарство ќе се крева застапеноста во медиумите на теми поврзани со екологијата. Проектот предвидува и интернет платформа каде секој граѓанин ќе може да објавува вести поврзани со животната средина.

Сериозните еколошки проблеми и нивната ниска застапеност во јавноста се причина еколошкото истражувачко новинарство во Македонија да биде кренато на повисоко ниво. Центарот за еколошка демократија Флорозон и Здружението за развој на ромската заедница Сумнал во оваа насока почнуваат со реализација на проектот за развој на еколошкo истражувачко новинарство, според кој, во период од 18 месеци и буџет од 45 илјади евра треба да бидат изработени 10 истражувачки стории на еколошки теми. Кирил Ристовски од организацијата Флорозон во разговор за РСЕ вели дека вкупниот буџет за проектот изнесува 166 илјади евра, а меѓу другото ќе биде креирана и интернет платформа каде секој граѓанин ќе може да објавува вести поврзани со животната средина.

Господине Ристовски работите на проект за развој на еколошко истражувачко новинарство и како претставник на еколошка граѓанска организација, кои важни еколошки теми според Вас не се доволно истражени и застапени во медиумите, со оглед на тоа дека Македонија се соочува со многу сериозни еколошки проблеми?

Од минатиот месец започна реализацијата на проектот којшто има за цел да ја зајакне соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за развој на истражувачкото новинарство преку воведување на иновативни алатки за граѓанско новинарство, вмрежување, размена на релевантни информации и креирање на услови за финансиска поддршка. Ние дефиниравме одредени слабости во нашето општество поврзани со оваа тема и направивме мала анкета којашто укажа дека застапеноста на темите од областа на животната средина во печатените медиуми изнесува од 0,4 до 0,8 отсто, додека 1,2 до 2,8 отсто во електронските медиуми. Оттука темите поврзани со екологијата, односно областите на животната средина е на многу ниско ниво и овој проект работи во таа насока, да ги промени актуелните состојби.

Како дел од проектот, како што велите, е размена на релевантни информации од областа на екологијата, дали според вас еколошките организации прават доволно за тие релевантни информации да стигнат пошироко во јавноста?

Република Македонија располага со средно развиен еколошки граѓански сектор којшто во изминатите години со рестриктивниот пристап до фондови наложи еден вид на стагнација на локалните граѓански здруженија. Но, и покрај тоа име доста активни организации којшто делуваат во определена тематска област од животната средина, меѓутоа нивната работа не доаѓа до израз со оглед на нискиот капацитет за комуницирање на јавноста и на користење на современите алатки и методи за соработка со локалните и националните медиуми. Тоа е едната страна. Другата страна е новинарите и претставниците на медиумските куќи, коишто поради недоволното познавање на проблематиката во делот на екологијата и животната средина не ги препознаваат суштинските проблеми во определена локална средина и притоа не можат да дадат еден јасен, прецизен и критички осврт на конкретните состојби во делот на животната средина. Кога ја правевме анализата ние забележавме одредени пикови во текот на годината кога се најзастапени темите од областа на животната средина, тоа е пред се во зимските периоди кога имаме висока концентрација на честици во воздухот. Единствено тогаш новинарите и медиумите наоѓаат за сходно да известуваат за овие проблеми кога се евидентно најизразени. Тоа не значи дека во останатиот дел од годината состојбата со животната средина е извонредна, туку едноставно притисокот на јавноста за промоција на овие негативни теми во медиумите спласнува и новинарите не чувствуваат потреба и немаат поткрепа од некаква ексклузивност за да ги пласираат овие теми во јавноста.

Дали и колку државните еколошки институции треба да бидат дел од проекти од ваков тип?

Секако дека државните институции како носители на легислативата во делот на животната средина треба да бидат неизоставен дел од вмерувањето, односно од партнерствата во спроведувањето на истите. Република Македонија во својот евроинтегративен пат направи силни напори за да го доближи националното законодавство со европското и мислам дека имаме 90 проценти од европското транспонирано во националната легислатива. Она што недостасува е доследност во спроведувањето на истата којашто реално е условена од повеќе фактори. Процесот на децентрализација на овие политики се одвива тешко со оглед на лошата состојба пред се на помалите општини, меѓутоа и од административно – технички аспект со коишто располагаат локалните единици. Така што, не само државата, туку и граѓанскиот сектор треба да работат на градење на една заедничка платформа со кој моменталната состојба би се издигнала на повисоко ниво. Ние повеќе пати сме укажале на нискиот степен на инвестиции во делот на животната средина кадешто сметаме дека Владата треба да најде алтернативни механизми за поттикнување и на економскиот развој, но и на индустрискиот раст преку воведување на т.н. зелени мерки. Ние сметаме дека екологијата треба да биде двигател во развојот на македонското општество.

Кои се вашите очекувања од крајната реализацијата на проектот, колку според Вас истражувачките приказни ќе влијаат да бидат решени некои од еколошки прашања во земјава?

Сметаме дека преку отворено покажување на конкретни позитивни и негативни примери ќе влијае драстично на промената на свеста на населението и да бидат решени определени проблеми. Ќе се обидеме преку истражувачките стории да тангираме проблеми коишто реално може да се надминат.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG